Автомобилите ги узурпираа тротоарите, пешаците на улица

Поради зградите што се изградени на половина метар од коловозот и паркираните автомобили на улицата „Димо Хаџи Димов“, на пешаците не им останува ништо друго освен да се движат крајно небезбедно – по улица.

Тешко е да се биде пешак на улицата „Димо Хаџи Димов“ во Кисела Вода, реагираат граѓани од населбата, кои велат дека поради зградите што се изградени на половина метар од улицата и паркираните автомобили, на пешаците не им останува ништо друго освен да се движат по улица. Ситуацијата е уште полоша навечер, кога и видливоста е помала, па животите на сите што минуваат по оваа улица се изложени на ризик.

– Ги наредија зградите една до друга веднаш до улица. Не знам дали имаат подземни паркинзи или не, но редица автомобили редовно се паркирани покрај нив. Нема човек како да помине, па мора по коловоз. И никој не реагира. Што чекаат, да се случи некоја несреќа, па да го организираат некако движењето на луѓето по улицата? Ако не друго, барем да стават столпчиња да не можат да се паркираат автомобили – вели Владо од Кисела Вода.

Во Општина Кисела Вода веднаш се оградија од одговорноста, посочувајќи дека улицата „Димо Хаџи Димов“ е во надлежност на Град Скопје. Оттаму, пак, на прашањето дали планираат да преземат нешто на оваа улица и да се погрижат за безбедноста на пешаците, одговараат дека континуирано работат на ослободување на јавните површини од паркираните возила. Од Градот објаснуваат и дека сите објекти што се градат во Скопје се во согласност со локациите и димензиите потенцирани во деталните урбанистички планови и со издадените градежни дозволи.

– Сите постапки се водат од страна на општините, а доколку инвеститорите на објектите отстапуваат од локацијата и пропишаните димензии во градежните дозволи, на терен треба да интервенира општинската градежна инспекција – велат од Град Скопје.

Но, одговор за тоа што ќе преземат или дали воопшто нешто ќе преземат конкретно на оваа улица нема, освен тврдење дека таму каде дозволуваат условите се поставуваат заштитни столпчиња за да се спречи паркирање возила на тие локации.

– Досега столпчиња се поставени на многу локации, каде што имаме ослободени јавни површини за пешаците и велосипедистите, а во изминатиов период изведуваме и голема акција за отстранување билборди и рекламни паноа за дополнително ослободување на јавниот простор. Во координација со ЈП „Градски паркинг“ во континуитет работиме на ослободување на јавните површини, каде што во наша надлежност се јавните зелени површини. Во однос на пешачките патеки и велосипедските патеки, како и сообраќајниците, тие се во надлежност на сообраќајната полиција – одговараат од Градот.

На крајот на јули, Град Скопје информира дека на улицата „Димо Хаџи Димов“, поради градежни работи, ќе биде воведен времен режим на сообраќај, со апел до граѓаните да бидат внимателни и да ја приспособат својата брзина на движење според условите на патот.

Надежта на граѓаните дека ова соопштение, всушност, значи дека почнува реконструкција на улицата, се покажа залудна.

– На посочената улица е воведен привремен сообраќаен режим поради извршување градежни работи на објект – објаснија од Град Скопје. Оттаму додадоа дека времениот режим е воведен по барање на компанијата што гради објект на улицата, а од Градот само ја информирале јавноста за тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот