Автобиографски записи содржи збирката раскази „Како сепија, со мастило правам место за себе во светот“ од Живко Грозданоски
Од печат излезе најновата, четврта збирка кратки раскази од Живко Грозданоски, прозаист, преведувач, поет и актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Препорачано
Книгата, која носи индикативен наслов „Како сепија, со мастило правам место за себе во светот“ содржи 26 кратки автобиографски раскази, поместени во пет циклуси.
„Автобиографските записи се мошне малку распространети во нашата литература, затоа што соочувањето со себеси е, веројатно, најтешкиот облик на писмо. Оттаму, обидот на Грозданоски отворено и ‘без пардон’ да проговори за своите лични размисли и предизвици е редок феномен, значаен за збогатување на разноликоста на книжевноста на нашето поднебје“, забележува, меѓу другото, рецензентката Лидија Капушевска-Дракулевска во поговорот на изданието.
По малиот тријазичен (на македонски, на грчки и на англиски јазик) тематски избор на песни и кратки раскази од тринаесет македонски автори „Да сум на твое место“ (2020) и по збирката песни „Малага (возови од мастило)“ и изборот текстови „Булевар Ослободување бр. 10 (2014-2024)“, со кои се одбележаа десет години од основањето на „Булевар Ослободување“, книгата „Како сепија, со мастило правам место за себе во светот“ е четвртиот објавен наслов под логото на „Булевар Ослободување“, чиј уредник е Живко Грозданоски.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 309, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.11.2025)


