Жени со хиџаб - шамија која ја носат некои жени со исламска вероисповед / Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Австрија: Забраната за носење шамија е прашање на интеграција или дискриминација?

Предлогот за уставна забрана за носење шамија во австриските училишта претставува сериозен удар врз темелните права, особено врз начелото на еднаквост и слободата на верата. Наместо да помогне во интеграцијата, таквата мерка би ја продлабочила дискриминацијата, бидејќи таргетира само една религија. Според уставниот експерт Петер Бусјагер, тоа би било признавање на неуспехот на интеграциската политика, формално запишано во уставот.

Предлогот на австриската министерка за интеграција Клаудија Плаколм повторно ја отвори старата дебата за верските симболи во училиштата. Нејзината намера е да се воведе забрана за носење шамија кај младите ученички, а законот да се подигне на уставно ниво. Со тоа би се ставил во иста рамка со другите темелни права, како што се слободата на верата и начелото на еднаквост. Но ваквиот потег предизвикува сериозни правни и општествени прашања, бидејќи токму тие темелни права би можеле да бидат нарушени. Правниот експерт Петер Бусјагер од Универзитетот во Инсбрук предупредува дека ваквиот потег може да значи уставно признание на интеграциски неуспех.

Судир на основни права и интеграциски политики

Според Бусјагер, секое основно право претставува заштита на поединецот од прекумерно мешање на државата. Државата може да интервенира само кога тоа е неопходно и оправдано, а секое ограничување мора да биде пропорционално и во јавен интерес. Во случајот со забраната на шамија, станува збор за ограничување на правото на верска слобода. Носењето шамија, вели тој, е за многу вернички израз на нивната припадност кон исламот и државата нема право да одлучува дали тоа е навистина неопходен дел од верата.

Судот веќе еднаш, во 2020 година, ја укина претходната забрана за основните училишта со образложение дека е повреден принципот на еднаквост. Само муслиманските девојчиња биле погодени, додека други религиозни симболи, додека други обележја на верска припадност, како кипата кај Евреите или крстот кај христијаните, не биле опфатени со ограничувањето, што создава нееднаков третман меѓу верските заедници. Тоа било јасен пример за селективна дискриминација. Новиот предлог на Плаколм оди чекор понатаму, бидејќи со подигањето на законот на уставно ниво би се избегнала можноста за таква проверка, односно начелото на еднаквост би престанало да биде мерило.

Политички сигнал или правна замка

Министерката тврди дека ваквата мерка е потребна за полесна интеграција на младите и за заштита на девојчињата кои можеби се приморани од семејствата да носат шамија. Но правниците предупредуваат дека основните права не се насочени кон семејствата, туку кон државата. Државата може да создава услови децата да растат без притисоци, но не и да пропишува како ќе ја практикуваат својата вера.

Бусјагер смета дека воведувањето уставна забрана само за една религија би било опасен преседан. Ако една држава експлицитно ограничува дел од верската практика на одредена група, тоа испраќа порака дека таа вера е проблем, а не дека интеграцијата е заеднички процес.

Дополнително, другите симболи како крстовите во училниците би останале, што уште повеќе ја продлабочува нееднаквоста.

Според него, ако државата навистина сака да промовира еднаквост и интеграција, треба да создава средини во кои сите ученици можат слободно да се изразат, а не да се изолира само една група. Забраната на шамија во уставот, додава Бусјагер, би значела официјално признавање дека интеграцијата не успеала. Наместо симбол на ослободување, тоа би било симбол на страв и поделба. Австрија би испратила сигнал дека не еднаквоста, туку ограничувањето на различноста е патот кон интеграција и токму тоа би било, како што тој вели, „признавање на интеграциски неуспех во уставна форма“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот