Австрија најави забрана на социјални мрежи за деца под 14 години
Австриската влада денеска најави планови да ја забрани употребата на социјалните мрежи за деца под 14 години, приклучувајќи се на низа други земји што подготвуваат ограничувања за младите, објави „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Функционерот во кабинетот на канцеларот Кристијан Штокер задолжен за дигитализација, Александер Прел, изјави дека нацрт-закон ќе биде подготвен до крајот на јуни. Тој рече дека ќе се користат „технички модерни методи“ за проверка на возраста, кои ќе им овозможат на корисниците да ја потврдат својата возраст, а притоа да се почитува нивната приватност.
Засега не е јасно кога би можел да стапи во сила планот за воведување минимална возраст, за кој ќе биде потребно и одобрување од парламентот.
Австралија во 2024 година поведе во ваквите мерки, станувајќи првата земја што ги исфрли децата под 16 години од социјалните мрежи, со цел да ги заштити од штетна содржина и прекумерно време пред екран. Слична забрана во Индонезија треба да почне да се применува од сабота.
Еден месец без социјални мрежи: Како забраната ги менува тинејџерите во Австралија
Во Европа, пратениците во Франција во јануари одобрија закон со кој се забрануваат социјалните мрежи за деца под 15 години, отворајќи пат мерката да стапи во сила на почетокот на следната учебна година во септември.
Шпанија минатиот месец најави планови за забрана за лица под 16 години. Данска минатата есен објави договор за забрана на пристап за лица под 15 години. Британската влада во јануари соопшти дека ќе разгледа забрана за помлади тинејџери на социјалните мрежи.
Трипартиската центристичка коалиција во Австрија сега се приклучува на овој тренд.
— Денес е добар ден за децата во нашата земја. Во иднина, решително ќе ги заштитиме децата и младите од негативните ефекти на платформите на социјалните мрежи. Повеќе нема само да гледаме како овие платформи ги прават нашите деца зависни и честопати и болни — изјави вицеканцеларот Андреас Баблер на прес-конференција.
Австриската влада планира оваа забрана да ја придружи и со засилување на наставата во училиштата за тоа како се користат медиумите и како се справува со вештачката интелигенција.


