Граѓаните им оддаваат почит на жртвите на масакрот на Бонди плажата/Фото: Saeed KHAN / AFP / Profimedia

Австралија: Семејствата на жртвите од Бонди бараат федерална истрага за порастот на антисемитизмот

Семејствата на жртвите од нападот на познатата плажа Бонди во Сиднеј денеска го повикаа австралискиот премиер Ентони Албанезе да формира комисија која ќе го истражи „брзиот пораст на антисемитизмот“ во земјата, пренесува Гардијан.

Татко и син убија 15 лица на 14 декември за време на еврејскиот празник Ханука на плажата Бонди и повредија уште десетици во напад што властите го опишаа како антисемитски.

Таткото, индиски државјанин, беше убиен од полицијата. Неговиот 24-годишен син, државјанин роден во Австралија, останува во полициски притвор.

Во писмо објавено денес, 17 семејства го повикаа премиерот „веднаш да формира Кралска комисија на Комонвелтот за брзиот пораст на антисемитизмот во Австралија“ и да истражи какви било пропусти во разузнавањето поврзани со нападот.

„Изјавите дадени досега од федералната влада во врска со масакрот во Бодаи се несоодветни… Ни должите одговори. Ни должите одговорност. И им ја должите вистината на Австралијците“, се вели во соопштението на семејствата, според извештаите во печатот.

Во Австралија, кралските комисии се највисоките јавни истражни тела со широки овластувања за истражување на корупција, сексуална злоупотреба на деца и заштита на животната средина.

Премиерот Албанезе денеска изјави дека е формирана независна комисија за да ја испита работата на агенциите за спроведување на законот по нападот и да процени дали властите можеле да преземат дополнителни чекори за да го спречат терористичкиот напад.

Тој рече дека комисијата ќе испита дали постојните закони или празнините во разузнавањето ги спречиле полицијата и безбедносните служби да преземат мерки против сторителите, за кои полицијата вели дека биле инспирирани од групата Исламска држава.

Албанезе, кој се соочува со растечки критики од противниците кои велат дека неговата влада не направила доволно за да го спречи порастот на антисемитизмот, се спротивстави на повиците за кралска комисија за нападот. Тој повтори дека ќе бидат потребни години комисијата да го изготви својот извештај.

„Владата е посветена на тоа да осигури дека не можеме да чекаме години за одговори. Мора да продолжиме со какви било промени што се потребни“, им рече Албанезе на новинарите.

Албанезе рече дека независната комисија ќе поднесе извештај во април, а парламентот ќе разгледа закон што е можно поскоро следната година.

Засилени безбедносни мерки во Сиднеј по нападот на плажата Бонди

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот