Асоцијацијата „Аксиома“ ќе промовира компакт-диск на составот „Строг пост“

Покана за промоцијата во „Котур“

Во кафе и филм „Котур“ во Скопје на 16 јануари (вторник), од 21 часот, ќе се одржи концертната промоција на деби-албумот на составот „Строг пост“, кој воедно е и прв албум на новото музичко издаваштво на „Аксиома“.

– „Строг пост“ е трио составено од Филип Букршлиев (гитара/синтисајзер), Дени Омерагиќ (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани). Тие создаваат музика која осцилира на честопати невидливите граници помеѓу ионака провизорните жанрови стонер рок, психоделичен рок, дум метал, пост-рок, панк-џез, амбиент и сл., сите филтрирани низ внимателно изработено, експериментално сито и решето. Музиката е набиена со брутални и заразни рифови, стегнати во ритам секција која би наликувала на менгеме, кога би сакале визуелно да си ја претставиме – посочуваат од „Аксиома“.

Албумот го сними Ивица Јанкуловски, во студиото „Алшар“ во Скопје, на 27 февруари 2023 година. Јанкуловски, исто така, го направи миксот и мастерингот на албумот, во периодот март-јули 2023 година. Сите песни се компонирани и продуцирани од триото Букршлиев, Омерагиќ и Новковски.

Дизајнот на омотот е дело на Кристијан Новковски, а извршен продуцент за „Аксиома“ е Вангел Ноневски. Ова ќе биде деби-албум на „Строг пост“ и прво музичко издание на „Аксиома“.

„Аксиома“ е асоцијација за културна соработка и истражување, која организира интердисциплинарни и мултиуметнички настани/проекти, издава книги од областите на современата естетика, ремикс-културата, критичките теории и сл., организира изложби и работилници за млади и потајно навива современата авангардна, таканаречена „терсене“ музика да стане идеја-водилка на сите уметности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот