
Арт-презентација на проектот „А Реакција“ на Марија Павловска
Ликовната уметница Марија Павловска на 15 декември во киносалата на Кинотеката ќе го презентира проектот „А Реакција“. На презентацијата ќе учествуваат и соработниците во проектот Горанчо Ѓоргиевски од Националната галерија и фотографот Кервин Кендал Вилијамсон од САД. Во нејзината 20-годишна уметничка практика Павловска ја истражува уметноста користејќи ги поларните црно-бели бои и се истакнува со специфичен експресивен стил, кој е единствен, како кај нас (Балканскиот регион), така и на меѓународно ниво. Формите на делата на Павловска се развиваат од слика или фотографија до видео или инсталација.
Препорачано
Со настанот „А Реакција“ Марија Павловска ќе ги претстави активноста и резултатите постигнати на интернационален план на полето на ликовното, а кои се последица на уметничката резиденција во музејот „Мана контемпорари“, водечка институција во Њујоршката област во САД. Проектот изработен во текот на резиденцијата е документиран со покровителство на Музејот, а забележан и поканет од Европскиот културен центар да учествува на 58-то Венециско биенале. За целиот процес е издадена и монографијата „А Реакција“, со покровителство на Музејот „Мана Контемпорари“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 60, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 декември 2020)