Арсовски за СП: Хуморот на Слави Трифонов може да ја растури бугарската влада

Најнов хумор на почетоков од Новата година ни дојде од лидерот на движењето Има таков народ, Слави Трифонов кој преку социјалната мрежа Фејсбук објави свој статус при што побара на Бугарија да ѝ се укинат визите за САД и неговата земјата да влезе во Шенген зоната, а за возврат Бугарија да го тргне ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, вели амбасадорот Љупчо Арсовски за „Слободен печат“, во врска со „трговската понуда“ на коалицискиот партнер во бугарската влада.

Ова е несериозна изјава на какви сме навикнале од источниот сосед од нивните политичари во изминативе година и половина, особено од објавувањето на Декларацијата во нивниот парламент, по што следеше прилично агресивен владин Меморандум доставен до сите земји на ЕУ, со кој практично се затвори можноста за отпочнување на преговори со ЕУ за полноправно членство за нашата земја. Фактот што од оваа изјава се оградија повеќе бугарски политичари, особено од коалицискиот состав, зборува дека се работи за обид на овој сестран уметник (само слаб политичар) да го сврти вниманието на својата публика, но, и да внесе или поточно да најави свој натамошен посилен настап на политичката сцена. Факт е и дека тој не прими реакција на соодветни нивоа од ЕУ, туку ударот го прими новоименуваната министерката за надворешни работи на Бугарија (патем од неговата партија) и тоа на особено виско ниво – американската страна ѝ одржала добра лекција – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој смета дека ваквите излети може да направат проблеми во владината коалиција во Бугарија.

– Да потсетиме дека и новиот министер за одбрана исто така пребрзо даде изјава дека нема потреба од расположување на трупи на НАТО на бугарско тло заради кризата со Украина и Русија. Вметнувањето на отвореното прашање околу ветото со Македонија и неговите потценувачки именувања за Македонците го дополнуваат овој бесмислен хумор, кој може да најави допонителни компликации во билатералните односи, но и во самата нова коалиција. Влегувањето на Бугарија во Шенген зоната „со трговија“ и укинувањето на американските визи е исто така смешен предлог, бидејќи и двете барања се под строги правила и критериуми, а за влегувањето на која било земја во Шенген зоната неколку земји од ЕУ, Холандија пред се, веќе десет години имаат негативен став – вели амбасадорот Арсовски.

Софискиот весник „24 часа“, повикувајќи се на информации од Стејт департментот, објави дека бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска остварила телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во врска со дестабилизирачкото натрупување руски војници на границата со Украина, а се разговарало и за потребата од изградба на единствен став за заштита на земјите од НАТО. Блинкен ја потврдил посветеноста на САД да го активира членот 5 од Договорот на Алијансата, што предвидува заедничка одбрана во случај на војна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот