„Арс Ламина“ свечено ќе ја додели наградата „Оливера Николова“ за 2026 година на авторот Ванчо Полазаревски
Свеченото доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2026 година и промоцијата на победничкиот роман „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ од авторот Ванчо Полазаревски ќе се одржи на 1 јуни (понеделник), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, токму на Меѓународниот ден на детето.
Препорачано
Наградата „Оливера Николова“, што ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка од семејството на Николова, се доделува за најдобар необјавен роман за деца и млади и има цел да го продолжи творечкото наследство на една од најзначајните македонски авторки за деца и млади.
Добитник на признанието за 2026 година е романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ – духовито и топло книжевно дело со силна еколошка порака, кое беше избрано со едногласна одлука на жири-комисијата составена од Оливера Ќорвезироска, Ермис Лафазановски и Јованка Денкова. На настанот ќе се обратат членовите на жирито и авторот на романот.
Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитетот на големото авторско име на Оливера Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше – романот за деца и млади.


