Металната конструкција за надградбата на зградата на МНР / Фото: Марх.мк

Архитектите реагираат на надградбата на МНР: Дојде време „Скопје 2014“ да го браниме од тие што го изградија

Порталот „Македонска архитектура“ (МАРХ) пишува за надградбата на зградата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на кејот на Вардар, во еден од објектите од проектот „Скопје 2014“. Според архитектите, ова е уште едно нагрдување на веќе проблематичниот проект „Скопје 2014“, кој фелата, која најмногу го критикуваше кога се изведуваше, сега е во позиција да го брани од натамошно дивеење.

„Изминатиот месец сме сведоци на интервенција над овој објект – омиленото македонско делување во просторот – НАДГРАДБА! Од каде да почнеме со сатирата и цинизмот нема да погрешиме, бидејќи од овој менталитет нема бегање“, се вели во текстот, а авторот забележува:

„Какви времиња дојдоа – и Скопје 2014 да го браниме од тие што го изградија – ПАРАДОКС!“.

Металната конструкција за надградбата на зградата на МНР / Фото: Марх.мк

„Основните визуелни и идентитетски карактеристики на било кој објект треба да се почитуваат од аспект на една градска слика и култура во просторот. Кога веќе сте одлучиле да правите „неокласична палата“, каде извишува централно една купола, не можете повеќе на тој објект да додавате елементи кои се натпреваруват со неа. Таа е центар, таа е ориентир, таа е оска. Кога веќе сте тргнале по патот, постојат висини кои повторно сте требале да ги испочитувате, како разумен компромис и да се постигне рамнотежа преку двострано делување и симетрија во ниската зона, вовлечено и неприметно од нултата кота на тротоарите“, пишува авторот, архитектот Филип Конески, во текстот на МАРХ.

„Ова што можеме да го видиме е напад, агресија, без контекст и иновација. Паднати од небо! Но што ние знаеме?! Само критикуваме…. Они надградба направија со лексан над Порта Македонија, подигнаа цел спрат над Собранието… итн. итн. Не се способни ни тоа што го изградија да го третираат онака како треба. Поимање на просторот е доказ за една напредна нација, цивилизација и култура. Деградирањето на просторот е спротивното – епа ние се изгубивме во просторот!“, пишува Конески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот