
Апелација му дозволи на возачот кој го згази Билински да му се суди повторно иако нема доказ дека е тука
Апелациониот суд му дозволи на Џенис Мекиќ, возачот кој го прегази петнаесетгодишниот Иван Билински со „туарег“ на пешачки премин кај Католичка црква да има повторување на постапката иако нема доказ дека е во Македонија, а не е во странство, со оглед на тоа што му се судеше во отсуство.
Препорачано
-Апелациониот суд Скопје постапувајќи по барањето за повторување на кривичната постапка која се водела пред овој суд, донесе одлука со која се дозволи повторување на кривичната постапка, поради исполнети законски услови од одредбата од член 456 став 1 од Законот за кривична постапка, односно на сега осудениот му било судено во отсуство, не бил достапен на органите на кривичниот прогон, а сега има можност да му се суди во негово присуство. Воедно е одлучено по правосилноста на решението веднаш да се закаже главна расправа пред Апелациониот суд Скопје. Решението со кое е дозволено повторување на предметната кривична постапка не е конечно и правосилно и по истото е дозволена жалба пред Врховниот суд Република Северна Македонија каде ќе биде предмет на оцена по однос на неговата законитост, велат од Апелација за „Слободен печат“.
Овој случај се споредува со случајот за поранешниот директор на Царина, Драган Даревелски кој кога се врати во Македонија прво беше во затвор па се повторуваше судењето. Мекиќ доставил само барање за повторување на постапката преку неговиот адвокат, а за случајот постои опасност да застари, со оглед на тоа дека сообраќајката се случи во 2014 година.
Вишото јавно обвинителство Скопје денеска поднесе жалба на решението на Апелација за повторување на постапката.
-Според обвинителството, судот треба при одлучувањето во врска со поднесеното барање за повторување на постапката да го има предвид фактот дека осудениот не доставил никаков доказ за тоа кога тој дознал за пресудата, односно доказ дека истата ја има примено. Ова беше наведено и во негативното мислење на Основното јавно обвинителство Скопје. Сепак, Апелациониот суд Скопје истото воопшто го немал предвид, бидејќи потврда од казнена евиденција издадена од Основниот кривичен суд Скопје сама по себе не може да послужи како доказ дека осудениот со поднесување на барањето дознал дека е правосилно осуден во отсуство.„На овој начин, лице кое е осудено во отсуство може и додека е во странство (недостапно на органите на прогон) да дознае за пресудата со која е судено во отсуство, да поднесе барање за повторување на постапката, судот да му го дозволи тоа, како што е направено во случајов и повторно да биде недостапно. Во такви околности, во зависност од предвидените рокови за застареност на кривично гонење, дозволувањето за повторување на постапката може да резултира само со нов почеток на кривичната постапка, констатирање на настапена застареност и завршување на постапката без кривична одговорност, што секако не била интенција на законодавецот кога го предвидел институтот Повторување на постапката на лице судено во отсуство, во смисла на чл.456 ст.1 од ЗКП“, навел јавниот обвинител – соопшти Обвинителството.
Исто така, според јавниот обвинител, Врховниот суд при одлучување по оваа жалба, неопходно е да го има предвид целиот тек и динамика на постапките кои се воделе пред Основниот кривичен суд Скопје и пред Апелациониот суд Скопје, кои покажуваат дека интенцијата на осудениот со барањето за повторување на кривичната постапка е одбегнување на издржување на затворска казна за дело во кое животот го изгуби млада личност.
Јавноста можеби веќе не се сеќава на сообраќајката во која загина Билински, но неговото семејство и по десет години голгота ја чека правдата. Според информациите што ги добивме од Кривичниот суд за овој случај, Мекиќ е правосилно осуден на две години и шест месеци затвор, но тој не е достапен за органите на прогонот.
Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека Мекиќ не се бара ниту со национална, ниту со меѓународна потерница, а двете институции си ја префрлуваат вината меѓу себе.
-Имало наредба, односно само национална потрага за лишување од слобода врз основа на Наредба од Основен суд – Скопје 1 од 12.4.2019 г., но истата била запрена на 16.7.2019 од истиот Суд. Како причина за запирањето е наведено одлагање на извршување на казната. За подетални информации Ве упатуваме да се обратите до Основен суд Скопје 1, се вели во одговорот.
Кривичен пак чека известување од МВР.
-Се уште се чека известие од МВР за неговата достапност, а зависно од известувањето ќе се издаде наредба – велат од Кривичен за „Слободен печат.
Во јули 2023 година, Кривичниот суд го осудил Мекиќ на казна затвор во траење од четири години во отсуство. Неговиот бранител поднел жалба до Апелацискиот суд и овој суд ја намалил казната на две години и шест месеци, а по барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудите, највисокиот суд ја потврдил пресудата.
Судската голгота за овој случај трае од 2017 година, кога Мекиќ сè уште беше во земјава и Кривичниот суд тогаш го осуди на две години четири месеци затвор. Апелација во 2018 година ја одбил жалбата на одбраната како неоснована и ја потврдил првостепената пресуда, но одбраната на обвинетиот и тогаш доставила до Врховниот суд барање на вонредно преиспитување на пресудите и највисокиот суд ги укинал двете пресуди и предметот бил вратен на повторно судење.
– При повторно постапување, судот со пресуда од 25.1.2022 година го огласи обвинетиот за виновен и повторно го осуди, овој пат на четири години затвор, но по добиена жалба од одбраната на обвинетиот, Апелацискиот суд со решение КЖ бр. 371/22 од 21.9.2022 година ја укина пресудата и предметот го врати на повторно постапување. При повторното постапување е донесена горенаведената пресуда (две години и шест месеци затвор). За обвинетото лице во претходна постапка од јавниот обвинител, не било предложено мерки за обезбедување присуство – велат од Кривичен за „Слободен печат“.