Апасиев упорен за Анкетната за Кочани, власта уште поупорна со „саботирањето“
Мариела Трајковска
Пред
Кворумот, кој зависи од пратениците од мнозинството, а со тоа и самото одржување на седницата, се „сопна“, наводно, поради закажаниот термин од претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, за 9 декември. ВМРО-ДПМНЕ веднаш побара презакажување на седницата, затоа што истиот ден почнува собраниската расправа за буџетот.
Неизвесно е дали ќе има кворум за да се одржи Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, по поднесена претставка од Здружението на родителите на загинатите деца од Кочани, на која треба да се обратат родителите. Ќе успее ли од третпат пратениците конечно да почнат расправа за трагедијата во Кочани, да утврдат дали имало масовна повреда на човековите права и одговорност кај носителите на јавните функции.
Кворумот, а со тоа и самото одржување на седницата, се сопна на закажаниот термин од претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, за 9 декември, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ веднаш побара презакажување на седницата, затоа што истиот ден почнува собраниската расправа за буџетот.
Апасиев во изјава за „Слободен печат“ е дециден дека ќе нема промена на терминот за Комисијата.
– Според Деловникот за редовна седница, не е потребна координација, тоа е дискрециско право на претседателот на Комисијата. Тоа е така за сите комисии, така ќе функционира и мојата. Јас координација направив со подносителот на претставката, во согласност со слободните термини што се многу чести и се практично ден за ден закажувани рочишта. Одбравме термин во кој нема судско рочиште со цел родителите да можат да присуствуваат. Оттука не гледам причина за поместување, а тоа што се совпаѓа со пленарната седница за буџетот не е ни прва ни последна, бидејќи речиси секогаш кога има пленарна седница, има и по две-три комисии во истиот ден, и тоа не е ништо ново. Затоа Комисијата ја закажав еден час подоцна од пленарката за да можат пратениците што сакаат да говорат за буџетот да се пријават регуларно, во 11 часот, и во 12 часот кој сака да може да дојде на седницата на Постојаната анкетна комисија. Таа не е ниту надзорна ниту јавна расправа за да има некои координации претходно, церемонии и слично, туку е редовна седница по поднесена претставка. Оттука нема промена на терминот и сега-засега останува тој – ни изјави Апасиев.
Тој додава дека веќе испратил покани до претседателката на државата Гордана Сиљановска- Давкова, до премиерот Христијан Мицкоски и до претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и до институции. Апасиев вели дека планира да го прошири составот на учесници во Комисијата со учество на невладини организации, и тоа „Сапорт Кочани“, кој има многу активна улога, Хелсиншкиот комитет, Коалицијата за правично судење, кои се стручни и невладини и можат да придонесат кон дискусијата.
На седницата ќе се обрати претставник на родителите на децата за да ја образложат претставката. Сепак, пленумот е тој што ќе одлучи дали претставката ќе ја стави на дневен ред на седницата. Од мнозинството во Комисијата, кое и припаѓа на власта, зависи дали ќе ѝ биде изгласан дневниот ред.
– Очекувам ВМРО-ДПМНЕ докрај да го саботира и да не го изгласа дневниот ред. Мислам дека тоа им е мастер-планот за да ја задушат дискусијата – вели Апасиев.
Стојаноски: Зошто чекал пет месеци?
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски веќе услови дека ќе го прифатат барањето за седница, но претходно бара сите поканети да бидат консултирани за терминот, бидејќи се совпаѓа со седницата за буџетот.
– Важно е да нагласиме дека барањето за комисија до Апасиев е стигнато на 15 јуни. Зошто чекал пет месеци да ја закаже оваа комисија, тоа е прашање кое треба да му се постави на Апасиев. Ние кажавме дека од ова нема да правиме политика, но очигледна е намерата некрофилски политички да поентира. Негов е ставот што избрал да биде талог на општеството. Ние ќе го прифатиме ова барање, но сметаме дека сите оние што тој ги повикува да бидат присутни, треба да бидат консултирани за термин, бидејќи не сметаме дека оваа комисија треба да биде одржана на ист ден кога е и собраниската седница за расправа на буџетот – рече Стојаноски.
Бојан Стојаноски ВМРО-ДПМНЕ Фото: Принтскрин
Според него, треба да се договорат за друг датум за одржување на седницата.
Освен неизвесноста за одржувањето на Анкетната, засега неизвесно е и евентуалното присуство на државниот врв на таа седница. Иако побаравме изјава, ни претседателката ни премиерот не ни одговорија дали ќе учествуваат на комисиската расправа, додека претседателот на Собранието уште не добил покана. Од Владата топката ја префрлија на Собранието, односно се чека пратениците да се договорат за терминот и премиерот да добие покана.
Сиљановска-Давкова: Јас ја преферирам Постојаната комисија
Претседателката Сиљановска-Давкова, пак, во интервју за „24 анализа“ рече дека е загрижена зошто толку долго се чекало на Анкетна комисија, особено што во Уставот таа е единствена која е постојана. Таа додаде дека иницијатива од родителите имало и дека требало по неа да се расправа.
– Ваквите тела – Анкетната комисија и Постојаната комисија – им претходат на судските процеси и наодите од тие комисии, всушност, иницираат определени дејствија. Треба да се внимава на следново да – не се употреби работата на тие комисии за притисок врз судот. Се плашам и од паралелизам, зашто ако има и Анкетна комисија и Постојаната комисија да заседава, проблемот е еден, не знам што ќе се случува. Чудно ми е зошто не се договорија подобро да се концентрираат на темелна работа на еден од овие органи и јас ја преферирам Постојаната комисија. Комисиите служат за утврдување на политичка одговорност – рече Сиљановска-Давкова.
Гордана Сиљановска Давкова / Фото: Фејсбук
Обиди во Собранието за расправа за трагедијата во Кочани имаше и претходно, но беа неуспешни.
На 3 април годинава, координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов, на прес-конференција информира дека шесте пратеници од Левица го дадоа својот потпис за иницирање надзорна расправа за трагедијата во Кочани и побара поддршка од другите групи за да се исполни минимумот од 15 потписи. На оваа иницијатива до ден-денес нема новопотпишани патници.
Вториот обид беше на 4 јуни, кога на Постојаната анкетна комисија Апасиев побара дополнување на дневниот ред со иницијатива за одржување собраниска надзорна расправа за трагедијата во Кочани. Мнозинството во Комисијата гласаше против и дневниот ред не беше дополнет со „Иницијатива за одржување на надзорна расправа за пропустите на државните органи кои придонесоа за трагедијата во Кочани“. Потоа, на 17 јуни, на седница на истата комисија на која се усвои потребата од иницирање надзорна расправа, воопшто не присуствуваа пратениците од мнозинството со цел саботирање на процесот.
Претседателот на Собранието Гаши ја поништи оваа одлука и во моментот се одвива судски процес помеѓу Апасиев и Гаши по ова прашање.
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Во претставката од Здружението на родителите се бара случајот со Кочани да се разгледува како сериозна повреда на човековите права и слободи, да се повикаат на сослушување сите релевантни институции, функционери и физички лица кои имале надлежност или биле во позиција пред, за време, и по трагичниот настан. Се бара темелна парламентарна истрага, со цел да се откријат сите слабости во системот и евентуални прикривања, со посебен акцент на улогата на корупцијата. Се бараат и итни измени во законската регулатива за работа на угостителски објекти.
„Доколку утврдите дека имало масовна повреда на човековите права во трагедијата во Кочани, да поведете постапка за утврдување на одговорноста кај носителите на јавните функции“, пишува во претставката.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Во вечерашната епизода на „Мамамвизија“ гостинка е нашата фолк-пејачка Зуица Лазова. Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Таа е еден од најдобрите вокали на нашата сцена, дама со харизма, но каква мајка е? Сопруга му е на врвниот пејач Наум Петрески со кого важат за еден од најинспиративните парови на естрадата. …
Во вечерашната епизода на „Мамамвизија“ гостинка е нашата фолк-пејачка Зуица Лазова. Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Таа е еден од најдобрите вокали на нашата сцена, дама со харизма, но каква мајка е? Сопруга му е на врвниот пејач Наум Петрески со кого важат за еден од најинспиративните парови на естрадата. …