„Антолог“ објави превод на романот „Дрвеници“ од современата хрватска писателка Мартина Видаиќ
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“, го објави македонскиот превод на романот „Дрвеници“ од современата хрватска писателка Мартина Видаиќ, во превод на Ѓорѓи Крстевски.
Препорачано
Станува збор за суптилна и длабоко човечка проза што се движи по рабовите на личната загуба, сеќавањето и просторот во кој живееме и кој нè обликува. Романот е добитник на Наградата за литература на Европската Унија за 2023 година.
Во фокусот е младата архитектка Горана Храбров, која се справува со смртта на својот партнер преку пишување писмо до некој што таа го именува како „Студена“, напуштајќи го изнајмениот стан во загрепската населба Медвешчак и започнувајќи тивко талкање низ градот. Но градот не нуди утеха: со својата бучна рамнодушност, со зградите што луѓето ги подигнале како одбрана од сопствените стравови, тој постои независно од нејзината лична драма.
Следејќи ја Горана низ улиците на Загреб, читателот влегува во свет на архитектура на брутална грдотија и избледена убавина, во кој луѓето минуваат низ туѓите животи како статисти. Подоцна, враќањето во родниот град ја соочува хероината со нова загуба – мајка ѝ на смртна постела – и со сложените, често премолчани односи во семејството.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерството за култура на РС Македонија.
Авторката Мартина Видаиќ (1986) е хрватска писателка и поетеса. Родена е во Задар, каде што дипломирала кроатистика. Со својата прва поетска збирка во 2011 година ја освоила високата поетска награда „Горан за млад поет“. Нејзините песни се објавени во повеќе домашни и меѓународни антологии. Во 2019 година го објавила својот прв роман. Добитничка е и на наградата „Јанко Полиќ Камов“ (2021) за поетско-прозната книга „Плоштад, продавница, нож“, како и на Наградата за литература на Европската Унија за романот „Дрвеници“ во 2023 година.
Преведувачот Ѓорѓи Крстевски (Скопје, 1981), завршил руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преведува од руски, англиски, српски и хрватски јазик, а досега превел околу педесетина книги.
Автор е на збирките кратки раскази „Обични и необични приказни“ („Темплум“, 2011) и „Другата страна“ („Бегемот“, 2019), а во 2005 година, заедно со други двајца автори ја објавија книгата кратки прози и поезија во проза „Не сакав да ви кажам ништо“ за издавачката куќа АШ.
Негови раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во светот на афионите“, во антологијата „Скопски раскази“, во антологијата на македонскиот фантастичен расказ „Тешка ноќ“, во антологијата на млади македонски автори „Ветрот носи убаво време“ и во проектот „Раскази.мк“, како и во неколку книжевни списанија во земјава и во странство. Освен кратки раскази, пишува и афоризми и поезија. Живее и работи во Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 323, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.3.2026)


