Антикорупциска го одмота клопчето на Сеад Кочан, Трансмет и Пуцко Петрол, државата оштетена за милионски суми, вмешани обвинители, судии, нотари, извршители и проценители

Државната комисија за спречување на корупцијата иследувајќи ја целата постапка која во судот се водеше против бизнисменот Сеад Кочан и неговата компанија Трансмет откри низа злоупотреби со кои е оштетен буџетот на РСМ и донесе одлука до Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да достави иницијатива за сомнежи за намерно оштетување на доверители – РСМ и други, по пат на фалсификување документација, измама и перење други приноси од казниво дело, со цел обезвреднување на имот кој бил во сопственост на РСМ и преземање на неговата сопственост од страна на друго правно лице.
ДКСК смета дека е сторена штета на Буџетот РСМ и на нејзиниот имот по пат на несовесно работење и злоупотреба на службената положба и овластувања од страна на нотари, извршители, проценители и на службени лица во Централен регистар на РСМ и во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, како и нестручно и несовесно извршување на судиската и јавно-обвинителската функција.
-Мрежата е сплетена од голем број на учесници, имот кој потекнува од кривично дело е искористен за да се добие гаранција Кочан за да се брани од слобода. Имал помош од Пуцко Петрол, од извршители, проценители, потценета е вредност на Трансмет за да се направи штета, се формирале фирми за да го спасат имотот на Пуцко, нагласи претседателката Билјана Ивановска.
-Ланецот на вака водењето на постапки е рушење на владеењето на правото во целост, резимираше Нури Бајрами, член на Комисијата.
Предметот кој го отвори ДКСК се однесува за заштита на имотните интереси на државата во случајот ,,Труст“ поради неможноста да се изврши конфискација на имот вреден 17,2 милиони евра од осудениот бизнисмен Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Батиќ, врз правосилна судска одлука донесена од Основен суд Скопје 1 и потврдената пресуда од скопска Апелација 11.03.2019 година за наместен тендер на АД ЕЛЕМ во корист на ,,Транс Мет“ Доо – Скопје, ,,СИЛЕКС неметали СТ“ Дооел – Кратово и ,,ВАТО“ Доо – Скопје.
Постапката против Кочан и Трансмет ја водеше СЈО од 2017 година и резултираше со затворска казна за Кочан од 6 години, која потоа на Апелација беше намалена на 4 години и 8 месеци. На почетокот на постапката против Кочан и Трансмет, имотот на компанијата – движен и недвижен е замрзнат, а на крајот паднал во сопственост на Пуцко Петрол од Пласница, наместо да го конфискува државата.
-На 31.05.2021 година, било спроведено јавното наддавање во извршната постапка и бидејќи никој не се јавил, предметниот недвижен имот е запишан во сопственост на Пуцко Петрол ДООЕЛ Пласница. За оваа цел имотот бил проценет на 336.926 евра (околу 20.720.931 денари), а според кривичната пресуда бил проценет на 5.016.000 евра (околу 308.484.000 денари). Следствено, имотот во текот на извршната постапка бил драстично потценет. Проценетата вредност на имотот во извршната постапка не е реална на пазарните услови. Со оваа трансакција, Буџетот на РСМ и нејзиниот имот се оштетени за најмалку 4.679.074 евра (околу 287.763.069 денари), нагласува ДКСК.
Бранителите на Кочан од почетокот на судската постапка издејствувале тој да се брани од слобода со приложување на имот како гаранција иако тој бил стекнат со кривичното дело за кое бил обвинет, нагласија антикорупционерите на денешната седница.
Според првостепената пресуда од Основниот кривичен суд од 20.07.2018 година со која Кочан е осуден на затворска казна од 6 години, од неговата фирма Трансмет е одземен имот во корист на РСМ во вредност од 14.4 милиони евра. Опфатена е проширена конфискација и на имотот во Гази Баба во сопственост на ТВ НОВА ДООЕЛ Скопје која на почетокот на постапката станала сопственик на овој имот на Трансмет, продаден во текот на превирањата помеѓу судовите, СЈО и одбраната на осомничениот, за определување на мерката притвор.
Од 08.10.2018 година до 24.12.2018 година биле отворени две претходни постапки за предстечај на Транс Мет ДОО Скопје при што еден од доверителите на Транс Мет ДОО Скопје – Пуцко Петрол ДООЕЛ Пласница, склучил Спогодба во вид на извршна исправа со залог (хипотека) на скоро целиот недвижен имот на Транс Мет ДОО Скопје, опфатен со кривичната пресуда на Основен кривичен суд Скопје и приложил побарување од околу 1,7 милиони евра (99.107.000 денари).
Антикорупциска укажува дека од 2018 година паралелно се водела и стечајна постапка пред граѓански суд и кривична постапка во Основниот кривичен суд против Кочан и Трансмет, а при проценувањето имотот на Трансмет е намерно обезвреден за да биде пренесен на Пуцко петрол, со што е сторено кривично дело намерно оштетување на буџетот и на доверителите, со неосновано работење и злоупотреби. Направена е штета врз буџетот на државата од 12.433.943 евра.
ДКСК прашува зошто државниот правобранител и Агенција за управување со одземен имот како службени органи во постапката не преземале должни дејства за преземање на имотот на Трансмет, а со тоа помогнале да се изигра државата во однос на конфискацијата на имотот.
Во периодот од неколку години основани се низа фирми, на блиски луѓе до Кочан кои оставарувале приход од изградба на патишта и автопати и цело време се користела опремата која судот не успеал да го конфискува од Трансмет.
Тие укажуваат и на тоа дека предистражната и истражната постапка на СЈО не биле тајни, туку информациите некако протекувале и стигнувале до обвинетите и дошло до солемизација на Пуцко Петрол и Трансмет. Исто така Централен регистар во трговскиот регистар никогаш не евидентирал замрзнат имот на Трансмет.
Антикорупциска поради наводите до кои дојде ќе бара одговорност од страна на нотари, извршители, обвинители, проценители, судии и други службени лица инволвирани во предметот „Труст“.