Англицизмите закана за македонскиот јазик

Фото: МИА

Оваа година се одбележува значаен датум, 100 годишнина од раѓањето на Блаже Конески, Великанот од Небрегово, врвен поет, книжевник, литературен научник. Една од најзначајните личности во целокупната македонска историја.

Неговото богато и мошне разновидно дело секогаш ќе биде неисцрпен извор на инспирација за идните генерации. Тој остави неизбришлив белег во македонскиот јазик преку кодификацијата и афирмацијата на македонскиот литературен јазик. Како литературен научник, Конески за македонскиот јазик го направил тоа што Гете го направил за германскиот. Ги обединил старите и новите форми, создавајќи еден модерен јазик.

Но, кога зборуваме за македонскиот јазик како наше културно богатство, не можеме а да не се запрашаме како ние се однесуваме кон македонскиот јазик, кон оставштината на Блаже Конески? Каква е нашата свест за неговото значење? И зошто кога сакаме да бидеме модерни употребуваме странски зборови, најчесто англицизми?

Доволно е да прошетате низ скопските улици и веднаш ќе забележите дека најчесто застапен јазик на рекламните табли е англискиот, а во поново време и италијанскиот и германскиот. Уште позагрижувачки е што овој начин на изразување го поддржува и администрацијата. Доказ за тоа е таблата поставена пред едно паркиралиште во Центар на кои стои натпис: “Забрането паркирање, освен за резиденти“. Зарем немаше да биде поразбирливо ако општинарите го употребеле македонскиот збор „жители“ наместо „резиденти“ кои доаѓа од англискиот „resident“? Таман се соземав од непријатното чувство поради намерната неупотреба на македонскиот јазик, на електронската пошта ми пристигна покана за настан, а локацијата беше наведена како „сквер“ Јадран? Зошто организаторите помислиле дека замената на македонскиот збор „плоштад“ со англискиот „square“ ќе предизвика поголем интерес кај јавноста? Дали можеби навистина употребата на странски зборови наместо македонски има такво влијание кај граѓаните? И дали можеби ние медиумите сме виновни за тоа? Мојот впечаток е дека многу малку се води сметка за уставната обврска за службената употреба на македонскиот јазик и писмо.

Некои англицизми се  толку навлезени во македонскиот јазик, што за момент како да подзаборавив кои се адекватните зборови за атрактивен (привлечен), информира (известува), тренинг (обука), стартува (почнува)…

Сето ова води кон сè помала употреба на македонскиот јазик и негова голема измена. Друг проблем што се јавува е тоа што одреден број од најновите англицизми се неразбирливи за голем дел од граѓани, пред се од повозрасната популација, кои секојдневно го следат дневниот печат и телевизиските програми.

Честопати ги слушам и политичарите кои не само што употребуваат англицизми во говорот, туку и потполно неточно ги акцентираат збровите. А тој начин на комуникација со голема леснотија го присвојуваат и граѓаните. Крајниот резултат е креирање на нов јазик, комбиниран од англиски, македонски, бугарски и српски зборови.

Јазикот постојано се развива, се збогатува и во таа насока природни се неговите промени. Но, оттргнувањето од богатството кое ни го оставил големиот Блаже Конески на некој начин претставува насилството врз јазикот, а со тоа и насилство врз човекот.

Литературното изразување и чувањето на тоа што ни го оставил Блаже Конески  е наш долг пред генерациите што доаѓаат. Однесувањето со должна грижа, внимание и одговорност кон јазикот е најдобар влог за нашата иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот