Ангели отпадници

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Анѓела Ѓорѓиевска ја издржува казната, а на Анџело Ѓорѓиевски допрва ќе му се суди за убиство. Двајцата, само според името „ангели“, всушност се отпадници од „пеколот“ околу нас што го создава погрешниот учебник на општеството.

Анѓела Ѓорѓиевска пред шест месеци, како соизвршител, беше осудена на 19 години затвор за убиството на 26-годишниот Пино Секондо. Новинари тогаш известија дека Анѓела (23) без емоции ја слушнала пресудата. Пино исчезна на 11 декември 2018 година, по него се трагаше речиси половина година додека остатоците од неговото тело не беа случајно пронајдени во дупка, ископана кај скопското село Љуботен. Првоосомничениот за тој грозоморен чин, Али Фуркан, сè уште е во бегство.

Во бегство неколку денови беше и Анџело Ѓорѓиевски (каква неверојатна коинциденција на имињата со осудената Анѓела Ѓорѓиевска!?), од минатата недела првоосомничен за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот што се случи пред ноќниот клуб „Привилиџ“ во скопскиот Градски парк. Сега Анџело е зад решетки. Нему, како и на второосомничената К.Л. (19) и на третоосомничениот А.К. (22) им е одреден 30-дневен притвор.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со индигнација ги отфрли обвинувањата, меѓу другите, и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека имало обид да се прикрие ова убиство поради противречностите што го следеа и рече дека повод за тепачката со смртни последици било „лично недоразбирање“ помеѓу девојката и Денис Тот.

Какво „лично недоразбирање“ треба да се случи за тинејџерка да клоца во глава млад спортист во бессознание кој беспомошен лежи на земја? Колку гнев треба да се собере за да се празни агресија така свирепо, и тоа од 19-годишна девојка што крвнички мрази уште пред да научи вистински да сака?

Социолози и психијатри веќе ја повторуваат многупати повторената констатација дека тупаниците и тепачките се одраз на, да ја повторам фразата – „севкупните  состојби во земјава и пошироко“. Младите немаат (друга) работа, па безделничат по клубови, a таму наидуваат на сомнителни типови што нудат брза заработувачка со криминални активности. Што друго може и да се понуди во нелиценцирана дискотека, во која два месеца не влегле ниту инспекторите, кои веќе утврдиле дека објектот нема дозвола за работа. Агенсите на социјализација – семејството, училиштата, медиумите ја губат битката со улицата како животна школа и промоторите на „вредности“ со заштитен знак „крви бих ти дала“. Призорите на насилство што се голтаат на интернет-просторот се урнек за реалното шоу што подоцна го регистрираат камерите на „Безбеден град“. Каква иронија!

Бидејќи убиениот Денис Тот е хрватски државјанин, целиот случај има поинаква специфична тежина. Истрагата ќе ја следи не само семејството на Тот и хрватската амбасадорка во земјава, туку и регионалните медиуми што се уште посензибилизирани по сличната судбина и на Матеј Периш, кој исчезна под неразјаснети околности во Белград, по посета на ноќен клуб со турбофолк репертоар. Ќе мора прецизно да се утврди дали имало погрешна лекарска процена, како што изјави обвинителот, имало ли пропусти во постапувањето на полицијата, можело ли да биде поинаку доколку дискотеката работела по закон. Знаејќи како најчесто завршуваат истрагите, којзнае дали ќе ја имаме таа „привилегија“ да дознаеме што навистина се случило.

Додека анализираме зошто десетина лица биле само неми сведоци на насилството (страв ли е, соучесништво ли е во прашање), без да се обидат да го спречат или да повикаат полиција, никој не одговори дали меѓу нив имало лица од обезбедувањето на дискотеката. Работењето на диво на клубови чии газди се партиски миленици, веќе не нè изненадува, но тешко е да се поверува дека пред влезот немало „дебели вратови“. Со или без вратоврски, сеедно.

Лошите момци никнати на скопскиот асфалт (првоосомничениот Анџело бил дел од наркомрежа и во Марибор, каде што произведувал опасни синтетички дроги), ќе продолжат да се сликаат со партиски лидери. Истите оние што бараат одговорност, а многу добро знаат колку раце се крвави, покрај тие на осомничените.

Анѓела Ѓорѓиевска ја издржува казната, а на Анџело Ѓорѓиевски допрва ќе му се суди за убиство. Двајцата, само според името „ангели“, всушност се отпадници од „пеколот“ околу нас што го создава погрешниот учебник на општеството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот