16.8 C
Скопје

Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина зборува за агресивноста на кучињата

Многу често го слушаме изразот агресивно куче, но што е навистина агресивно куче? Што е агресивност? Зошто се појавува? За „Слободен печат“ објаснува Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина. 

Да, навистина многу често се слуша тој израз поврзан особено со уличните кучиња, но навистина луѓето не се запознаени што тоа навистина значи и што е навистина агресивно куче.

Агресивност по дефиниција е акт на напад или закана со која се предизвикува повреда. Покажувањето на агресивност кај кучињата вклучува напаѓање, штракање со заби и касање. Заканувачкото однесување вклучува вкочанување во место, фокусиран поглед, накострешување и ржење.

Кучешкиот вид е високо успешен во приспособувањето кон животната средина за да преживее. Агресивноста е само уште една алатка за преживување, затоа да ја разгледаме од поинаков аспект за да ја разбереме.

Има многу причини кои можат да го поттикнат агресивното однесување кај кучето. Некои од нив се:

  • Анксиозност, страв или фобија. Животното кое анксиозно или во страв, може да покаже агресивно однесување за да ја отстрани причината која му предизвикува страв.
  • Недостаток на поставување на граници (или воспитување). Кучето со кое не е работено на воспитувањето, односно не му се поставени граници во однесувањето, може да стане доминантно и со агресивност да ги постигнува своите потреби.
  • Недостаток на социјализација во критичниот период на социјализација кај кучињата. Така се развива агресивност најчесто од страв кон луѓето и другите животни.
  • Рано парење, нервозна или агресивна мајка. Таквата мајка ќе даде и такви кученца.
  • Трауматско искуство.
  • Територијално однесување. Особено мажјаци кои бранат територија.
  • Здравствени проблеми.
  • Лошо однесување на сопствениците (тепање, поттикнување агресивност).
  • Одгледување и генетски предиспозиции.
  • Предаторско однесување (ловец).

Мораме да разбереме дека агресивноста е адаптивна особина. Животните се генетски предиспонирани да користат однесување кое ќе го осигура нивниот опстанок и со кое ќе ја контролираат средината. Агресивноста е еден одговор кој води кон таа цел-преживувањето.

profimedia

Има две основни категории на агресивност

Првата е агресивно однесување како одговор на лош однос кон животното која се појавува како еден вид на рефлекс.

И однесување кое води кон одредена цел што му овозможува на животното да добие што сака или да избегне нешто што не сака.

Агресивноста може да се појави при напад или при одбрана

Агресивното однесување како и секое друго однесување е потенцирано со стимулација. Ова мора да го разбереме сите, особено при средбата со кучиња кои не ги познаваме. Агресивноста при напад доаѓа од куче кое е доминантно, луто или гневно. Агресивноста при одбрана се јавува во состојба на страв кога исплашените кучиња се бранат себе си ако е потребно (бегај или бори се). Секое куче има различен праг на надразливост при кој може да покаже агресивност. Ова секогаш го нагласувам на родителите со мали деца кои мора да внимаваат како нивните деца се однесуваат со кучето.

Во периодот додека работев во Агенцијата за храна и ветеринарство, бев дел од еден проект кој имаше за цел да ги едуцира децата на школска возраст на темата ОДГОВОРНО СОПСТВЕНИШТВО на домашен миленик. Во рамките на тие презентации, додадов дел околу однесувањето со кучињата. Знаеме дека кај нас има многу напуштени кучиња и особено децата се оние кои најчесто настрадуваат во одредени ситуации. Целта ми беше да ги научам децата да ги распознаваат знаците кои ги покажува едно куче и да знаат дали може да му пристапат или да го остават намира. За овие теми ќе пишувам некој следен пат, има многу работи кои е добро да влезат во едукацијата на децата. Кога од мали ќе ги запознаат животните на најубав начин и ќе научат да ги сакаат и почитуваат, ќе израснат во прекрасни и емпатични возрасни индивидуи кои ќе создаваат поубав свет за сите еднакво.

Кои се другите ситуации кои можат да предизвикаат агресивно однесување кај кучето?

Најчестиот вид на агресивност особено кај уличните кучиња е агресивноста од страв. Кучето активно покажува дека се плаши и предупредува дека би реагирало доколку мора.

Компетитивна агресивност може да се појави поради храна кога едно куче е доминантно над другото и обично тоа се решава само со закани и изрази на субмисивност. Ретко доаѓа до вистинска борба. Но за нас тоа изгледа како агресивност.

Други видови агресивност:

  • Агресивност помеѓу машки единки- нормално однесување особено во период на парење.
  • Агресивност индуцирана од болка- нормална одбранбена реакција.
  • Територијална агресивност- кучињата се територијални животни и ова е нормално однесување за нив. Може да биде и фрустрирачка агресивност кога е постојано врзано на ланец.
  • Мајчинска агресивност- одбрана на потомството.
  • Предаторска агресивност. Кучињата се ловци, предатори  и се што се движи (бега) може да биде тригер да се вклучи предаторскиот инстикт.
  • Одбрана на ресурсите (храна, играчка, креветче) што е еден вид алатка за преживување.

Постои и НАУЧЕНА АГРЕСИВНОСТ

Еднаш кога кучето реагирало агресивно и тоа му успеало да избрка некого или да добие нешто, следниот пат ќе ја повтори реакцијата бидејќи претходно била успешна- Пример за ова е лаење на поштарот, па подоцна и почнува да го брка, бидејки знае дека тој притоа ќе замине.

Тренирана агресивност 

Дали се работи за тренинг за посебни цели (службени кучиња) или се тренирани за борби со кучиња, кучињата можат да се тренираат да ги надминат своите стравови. Без разлика на целта за тој тренинг, посебни тригери им делуваат на овие кучиња. Најчесто немилите настани се случуваат од вака тренирани кучиња или друг вид на поттикната агресивност од самиот сопственик.

Сега кога опширно ја разгледавме оваа тема, се надевам дека малку подобро го разбирате однесувањето на кучињата и дека она што некогаш нам ни се чини дека е агресивност е всушост нормално однесување за кучето како вид.  Се што треба да направиме е да се обидеме да ги прифатиме како вид и она што нивната природа го налага, па нашето однесување и постапки да ги прилагодиме во согласност со тоа. Знам, има многу напуштени кучиња по улиците и намерно го користам зборот НАПУШТЕНИ,  бидејки не се на улица по нивен избор. Таму се поради човекот, поради нас. Па барем можеме да ги прифатиме како такви и да бидеме повеќе толерантни кон нив и да се обидеме да ја разбереме нивната природа и начин на опстанување во средината.

Поврзани вести

Дали по стапките на Џенифер Лопез и Џоли се врати во прегратките на старата љубов? Анџелина и Џони Ли Милер се старо – новиот холивудски пар

Слободен печат

Воспаление на срцевиот мускул кај помлади мажи од мРНА вакцините почесто од очекуваното

Слободен Печат

Дневен хороскоп за 14 јуни: Имате повеќе идеи отколку време, треба подобро да се организирате

Слободен Печат

Виц на денот: Рефреш

Слободен печат

На денешен ден – 14 јуни

Слободен Печат

Марина Туцаковиќ за болеста и што најмногу ја боли: Порано ми се јавуваа, сега…

Слободен печат

Остави Коментар