Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина: Избор на антипаразитски препарати за заштита на вашиот миленик

Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина, во следниов текст ни објаснува како навреме да го заштитите вашиот домашен миленик од надворешни паразити и како да ги изберете вистинските антипаразитски препарати. 

За изборот на антипаразитско средство за вашиот миленик секогаш треба да се консултирате со вашиот матичен ветеринар, но бидејки работам на оваа тема доста интензивно во последниве 2-3 години, ќе ве посоветувам како да одберете она што е добро и ќе понуди соодветна заштита за вашиот миленик.

Главни начела:

  1. Бирајте препарат со репелентен ефект и инсектициден ефект во периодот од февруари до октомври.

2. Бирајте системски препарат кој делува на ларвите во крвта од евентуалните паразити закачени во топлата сезона, како не би дозволиле нивен развој во возрасни паразити. Притоа има циден ефект за болви.

3. Не прескокнувајте заштита- веќе нема сезона на паразити. Тие паразитираат и се појавуваат цела година.

4. Не правете пропусти во заштитата. Доколку сте зафатени, користете препарати кои имаат долготрајно дејство 3-6-8 месеци за да не пропуштите третмани поради заборавање или немање време. Секој пропуст овозможува инфестација од паразити и можност за векторски болести пренесени од тие паразити.

5, Според начинот на живот на миленикот и условите на живот одберете препарат кој ќе даде најоптимална заштита. Консултирајте се со вашиот ветеринар.

Ременче

Постојат неколку брендови кај нас со различна должина на делување, различен состав и својства.  Обично почнуваат да делуваат после една недела. Значи, не можете да ставите ременче и да отидете веднаш на места каде има паразити и да очекувате дека кучето ќе биде заштитено. Тие обично ги препорачувам да бидат со репелентно дејство и за големи кучиња кои често одат во природа. Доколку кучето плива или се натопува при прошетките, одберете водоотпорно каивче. Доколку живее во двор исто така треба да е водоотпорно.  Во однос на типот на влакното- каивчето одговара и кај долговлакнести и кратковлакнести единки, со тоа што кај мали долговлакнести раси можеби повеќе одговараат ампулите, односно во зависност од реакцијата на кученцето ќе одберете соодветно каивче или ампула. Некои бели раси, некогаш имаат реакција на каивчињата, а добро поднесуваат ампули.

Системски препарат

Кај долговлакнестите кучиња особено периодот на митарење може да биде проблематичен во однос на одржување на дејството на активната супстанца на препаратот. Со отфрлање на влакната се исфрла и голем дел од активната супстанца растворена во маста која ги обвива влакната и кожата па очекувајте намалено дејство на топикалните препарати, односно препаратите што се користат на кожата. Кај кучиња кои често се шампонираат или шишаат, пожелно е да се користи системски препарат, како таблетата, бидејки така непречено ќе го одржи дејтсвото. Ако кај нив се користи топикален препарат, очекувајте намалено дејство.

pixabay

Ампули

Треба да се ставаат секој месец односно според упатството. Прескокнувањето на месечен третман го изложува животното на ризик од инфестација со паразити. Се накапуваат на вратот и плешките каде животното не може да се излиже.

Бирајте ампули со репелентен ефект во топлата сезона и ампули со системски ефект во ладната сезона.

Таблети

Одлични кај кучиња што не поднесуваат топикален препарат или често се шампонираат и шишаат. Тие делуваат без оглед на тоа. Исто така поволни кај изложбени примероци каде квалитетот на влакното и фризурата не смее да се нарушува со накапување на ампула или носење на каивче. Бирајте таблети со подолго дејство, на пример, 12 недели, за да не направите пропусти во третманите со оние што делуваат само еден месец. Погодни се за решавање на алергиски дерматит предизвикан од болви поради одличниот ефект кој трае доволно долго за да се смират знаците на алергија, односно повеќе од еден месец.

Соодветните препарати се користат и зависно од возраста на миленикот.  Секој препарат има упатство за употреба и кога смее или не смее да се употребува. Секако консултирајте го вашиот матичен ветеринар.

Мачки

pixabay

За нив на нашиот пазар има ременче и ампули за заштита од паразити. Ременчето делува 8 месеци и е одлична заштита со широк спектар. Специјално е дизајнирано да биде безбедно за мачки кои излегуваат надвор поради можност од заглавување.  Ампулите штитат само од болви или  болви и внатрешни паразити. Траат еден месец.

Не користете препарати наменети за кучиња кај мачки!

Ви посакувам успешна и безбедна сезона на прошетки и што повеќе уживање во природа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот