Анџелина Џоли и Бред Пит
Анџелина Џоли и Бред Пит во 2012 година / Фото: EPA/PASCAL LE SEGRETAIN

Анџелина Џоли го напушта Холивуд: „Повеќе не може да избега од драмата со Бред Пит“

Анџелина Џоли го напушта Холивуд и започнува ново поглавје од својот живот – најверојатно надвор од Соединетите Американски Држави, тврдат извори за „Пејџ сикс“.

Актерката, режисерка и хуманитарка (50) го ставила на продажба историскиот имот на Сесил Б. ДеМил, вреден 25 милиони долари, во кој живее од 2016 година, а веќе дискретно почнала да ја покажува куќата на потенцијални купувачи, потврдил извор за „Пипл“ оваа недела.

Во текот на годинава, Џоли ќе живее на релација Њујорк – Европа, каде што ќе има поголема приватност, а дел од времето ќе го поминува и во својата долгогодишна „втора татковина“ Камбоџа, чие државјанство го поседува, наведуваат извори за „Пејџ сикс“. Во Њујорк таа го има својот моден колектив и бутик „Ателје Џоли“.

„Таа веќе не може да се оддалечи од драмата. Единствениот начин да земе здив е да замине. Ќе си оди и ќе работи само на она што ѝ го движи срцето, душата и страста. Таа е прекрасна, талентирана и несебична жена“, изјави актерот и продуцент Џеј Бенџамин, чија поврзаност со Џоли датира од 2005 година.

Анџелина Џоли со децата / Фото: EPA-EFE/VICKIE FLORES

Драмата, пред сè, се однесува на горчливиот развод од поранешниот сопруг Бред Пит (62). Двајцата постигнаа конечна спогодба за развод на 30 декември 2024 година – осум години откако Џоли поднесе барање, по низа исцрпувачки правни битки.

Актерката претходно јавно изрази желба да го напушти Лос Анџелес, нагласувајќи дека за градот е врзана само додека сите шест деца што ги има со Пит не наполнат 18 години. Тоа ќе се случи во јули, на роденденот на близнаците Нокс и Вивиен.

Во интервју од 2021 година, Џоли објасни дека главната причина за купување имот во Лос Анџелес била желбата да биде блиску до таткото на децата, кој живее на пет минути оддалеченост и со кого го дели старателството. Таа е примарен старател на сите деца, а дел од нив подоцна одлучија да се откажат од презимето Пит, меѓу нив и Шајло, токму на денот кога во 2024 година наполни 18 години.

„По сè што помина со Пит, откако целиот нивен живот беше под рефлектори сите тие години… единствениот начин да се одмори е да се исели. Тешко е да се биде во град каде што не можеш ни да ја свртиш главата, а да не сретнеш некого што го познаваш“, додаде Бенџамин.

Бред Пит и Анџелина Џоли / Фото: EPA/DANIEL DEME

Иако и Пит и Џоли по разделбата остварија значајни кариерни успеси, упатените забележуваат дека победата на Пит со Оскар за најдобра споредна машка улога за филмот „Си беше еднаш во Холивуд“ (Once Upon a Time in Hollywood) во 2020 година широко се толкуваше како симболично „повторно прифаќање“ од Холивуд по крајот на бракот.

Џоли, пак, имаше главна улога што се сметаше за оскаровска во биографскиот филм „Марија“ (Maria) во 2024 година, за легендарната оперска дива Марија Калас, за која таа учеше оперско пеење. Сепак, филмот беше занемарен во сезоната на награди, што, според тогашните извештаи, силно ја погодило. Лос Анџелес ја потсетува и на тешкиот период кога се грижеше за својата покојна мајка, Маршелин Бертран, за време на десетгодишната борба со рак на јајници и дојка, пред да почине во 2007 година, на 56-годишна возраст.

Џоли одамна важи за глобална граѓанка со амбиции надвор од Лос Анџелес. Во интервју за „Волстрит џурнал“ во 2023 година откри дека во иднина сака да поминува многу време во Камбоџа и дека тежнее кон помирен, поприватен живот.

„Денес не би била актерка. Кога започнував, немаше толку големи очекувања постојано да си во јавност и да споделуваш сè“, изјави таа.

Анџелина Џоли / Фото: EPA-EFE/GUILLAUME HORCAJUELO

Подолго време кружат и гласини дека Џоли сака да се пресели во Лондон, а есента имаше информации дека таму барала дом додека престојувала поради снимање на филмот „Анксиозни луѓе“ (Anxious People). Во игра е и „Шато Миравал“ на југот на Франција – лозје и имот што таа и Пит го купија во 2011 година за околу 60 милиони долари, а околу кој жестоко се судираат. Џоли со години се обидува да го продаде својот удел на трета страна, но постапката е заглавена на суд поради противењето на Пит.

„Заминувањето од Лос Анџелес не ја завршува таа тужба“, вели извор од забавната индустрија за „Пејџ сикс“.

Други извори очекуваат дека Џоли ќе се пресели надвор од САД, а еден од нив смета дека би можела да поминува повеќе време со блиската пријателка Салма Хајек и нејзиниот сопруг Франсоа-Анри Пино, кои живеат меѓу Париз, Лондон и САД.

Во меѓувреме, Пит е повеќе од кога било посветен на Холивуд. Неговата продукциска куќа „План Б“ стои зад низа големи проекти во последните години, а актерот имаше успех и со главната улога во драмата „Формула 1„ (F1). Додека Џоли е слободна, Пит е во врска со тренерката Инес де Рамон уште од 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот