Андреја Богдановски, аналитичар: Ќе се постави и прашањето на статусот на ПОА

Андреја Богдановски, Фото: Фејсбук

Вселенската православна Цариградска патријаршија, предводена од патријархот Вартоломеј, ја прими во канонско единство македонската православна црква, свештенството и народот, под името Охридска архиепископија, со јурисдикција на територијата на РС Македонија, признавајќи го правото на Српската православна црква да решава за нејзиниот автокефален статус. Ваквата одлука може да се толкува како поставување на шините за целосно разрешување на македонското прашање од страна на Вселенската патријаршија и во овој дел клучно ќе биде како и дали воопшто СПЦ и властите во Србија ќе го поддржат овој процес. Оваа одлука има многу непознати во делот на дополнителниот ангажман на СПЦ – вели Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, каде што ги истражува движењата за автокефалност во Источна Европа и на Балканот.

За „Слободен печат“ Богдановски вели дека одлуката на Вселенската патријаршија е чекор кон автокефалност и остварување на децениските залагања на македонскиот народ и држава за разрешување на црковното прашање.

– За разлика од доделувањето на украинската автокефалија, Вселенската патријаршија иако направи своевиден упад во ингеренциите на СПЦ, официјално не го укина или пак најави за видоизмени на томосот за автокефалност на СПЦ од 1922 со кој ѝ се доделени македонските епархии и многу важно е тоа што Вселенската патријаршија не ги презема македонските епархии под своја (привремена) јурисдикција како што тоа беше случај со автокефалијата на украинската црква – истакнува Богдановски.

Според него, клучното прашање е дали вчерашната одлука на Вселенската патријаршија и преговорите со СПЦ ја носат МПЦ-ОА во статус на автономна црква под јурисдикција на СПЦ (како што е случајот на ПОА), кон автокефалија (како новата украинска црква) или, пак, кон некоја трета опција, а таа е автономна црква под јурисдикција на Вселенската патријаршија (случаите со естонската и со финската православна црква).

– Од голема важност во овие преговори е иднината на ПОА на архиепископот Јован, која е под СПЦ и дејствува во Македонија како автономна црква. Ставот на ПОА во изминативе години оди на линијата дека нема да има преговори за иднината на МПЦ-ОА со СПЦ без присуство на претставници на ПОА во преговарачкиот процес. Во украинскиот случај еден од условите за доделување автокефалија поставен од вселенскиот патријарх беше обединување на трите православни цркви кои дејствуваа на украинска територија. Во македонскиот случај ова би значело обид за обединување на ПОА и МПЦ-ОА – резимира Богдановски.

Познавачот на состојбите додава дека несомнено наредниот период ќе биде еден од најважните тестови како за владиците во МПЦ-ОА, но и за политичките чинители и македонската дипломатија, кои ќе бидат важна алка за евентуален конечен расплет на ова прашање.

Богдановски посочува дека несомнено вчерашната одлука носи и една геополитичка тежина која би требало да се гледа во контекст на позиционирањето на Вселенската патријаршија наспроти црковните апетити на Москва и случувањата на црковно-политички план во Украина по сепрвославниот собор во Крит во 2016 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот