Андреј Зографски, синот на Солза Грчева стана советник во градското собрание на Софија

Андреј Зографски освои советничко место во Софија/Скриншот

Скопјанецот Андреј Зографски, магистер по економија и експерт за сообраќај, на локалните избори во Бугарија кои се одржаа на 29 октомври освои советничко место во Градското собрание на Софија.

Коалицијата ПП-ДБ и „Спас за Софија“ од чии родови доаѓа Зографски има најмногу места во Советот на Софија – 23, додека ГЕРБ – СДС освои 14 мандати, БСП за Бугарија – 9, Преродба – 8. Тројца општински советници ќе има партијата на Слави Трифунов Има таков народ и КОД, а еден – ВМРО, објавија бугарските медиуми.

Гласачите во Софија во првиот круг не избраа градоначалник, а битката во вториот круг закажан за 5 ноември ќе се води меѓу Васил Терзиев од „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ и Вања Григорова од локалната коалиција „БСП за Бугарија“. Терзиев на гласањето на 29 ноември освоил 31,8 отсто од гласачите, а Григорова 21,59 отсто.

Втор круг ќе има и во 22 општини во Софија, соопшти Централната изборна комија.

Андреј Зографски е син на екс пратеничката и професорка Солза Грчева и по објавувањето на неговата кандидатура за советник од страна на политичката партија „Спас за Софија“, тој беше мета на политичките противници, а во кампањата против него беше споменувано и неговото македонско потекло и дури и политичките ставови на Грчева како антибугарски кампања. 

-Тоа е 35 годишен маж, кој самостојно работи, создава и има свои мислења и ставови, високо образование заокружено со студиски престои во Словенија, Холандија и надвор од Европа. Се водеше голема хајка против него, а тој е голем професионалец, со потесна специјалност економија на сообраќај, рече професорката Солза Грчева, во разговорот за „Слободен печат“ пред локалните избори во Бугарија.

Пред да замине да работи во Софија, Зографски работел во компанијата „Кока Кола“ и оттаму е префрлен да продолжи со работата во истата компанија во Бугарија. Поради потесната специјалност за сообраќај, со група ентузијасти кои размислувале за креативни решенија во сите сфери на функционирањето на бугарската престолнина ја основале партијата „Спас за Софија“ и се кандидираа на локалните избори. Интересно е што оваа екипа коалицирајќи со партијата на Кирил Петков „Продолжуваме со промените“ и нивниот партнер Демократска Бугарија освои повеќе гласови и места отколку традиционалните победници како што се ГЕРБ на Бојко Борисов кои со Софија управуваа цели 18 години од неговото стапување на таа функција.

Зборувајќи за професионалната кариера на синот, Солза Грчева рече дека пред да замине во Софија, Зографски го скенирал сообраќајот во Скопје и ги мапирал недостатоците кои се препрека за брз, ефикасен и еколошки транспорт низ главниот град на Македонија. Изработил студија со издржани решенија за решавање на проблемите со јавниот градски транспорт во Скопје и побарал прием кај градоначалничката Данела Арсовска за да го презентира. Воопшто не добил шанса да ги објасни своите наводи и решенија за хаосот во Скопје, па резигнирано заминал од Македонија во соседна Бугарија од каде и ја почна политичката кариера. Неговата партија се залага за чиста и зелена Софија и за справување со корупцијата и расипништво во која граѓанинот е на прво место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот