Андоновски најави враќање на електронското закажување за лични документи
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека наскоро ќе бидат вратени во функција сервисите за електронско закажување и добивање документи преку порталот uslugi.gov.mk.
Препорачано
Електронското поднесување на барањата за документи во МВР извесен период е прекинато и со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тој веќе имал состаноци за враќање на оваа услуга за граѓаните.
– Она што се случувало во изминатиот период, е тотален хаос во издавањето документи. Во моментот, електронското поднесување на барање е паузирано во Министерството, но веќе имавме состаноци со министерот Тошковски и многу сериозна дискусија методолошки како да ги вратиме. Се надевам дека во наредниот период, не сакам да играм со рокови и со датуми, кога немам точна информација или не зависи само од мене или од моето Министерство, но сум сигурен дека за многу брзо време ќе ги вратиме сервисите на закажување и добивање електронски документи преку порталот uslugi.gov.mk. Мислам дека во првите 100 дена ќе имаме резултати, рече Андоновски, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со работната група за изработка на сајбер-стратегија.


