Анализа на „Асошиејтед Прес“ за маршот на студентите: „Тие ја потресоа власта на популистот Вучиќ“
Оваа група студенти се надева дека ќе пристигне во Нови Сад на 1 ноември, кога е планиран голем собир за одбележување на жртвите на железничката станица, пишува АП.
Асошиејтед Прес (АП) денеска известува за маршот на студентите од Нови Пазар кон Нови Сад, со цел да се одбележи годишнината од падот на настрешницата на железничката станица во тој град, кој ќе се одржи на 1 ноември, а каде се очекуваат десетици илјади луѓе, како што пишува американската агенција, „иако владата (на Србија) уапси десетици студенти во обид да ги задуши (протестите во земјата).
Препорачано
Студентите од Нови Пазар, град претежно бошњачко-муслимански, како што истакнува АП, исто така се обидуваат да го премостат „деценискиот етнички јаз што произлегува од војните“ од 1990-тите.
Девет студенти, кои тргнаа пеш од југозападот на Србија пред речиси две недели, за АП изјавија дека се уморни, но и решени да одат на северот од земјата за да го свртат вниманието кон крвавата несреќа во Нови Сад од пред една година, во која одзедоа 16 животи и предизвикаа протести против корупцијата кои сè уште се во тек.
Оваа група студенти се надева дека ќе пристигне во Нови Сад на 1 ноември, кога е планиран голем собир за одбележување на жртвите на железничката станица.
АП потсетува дека студентите се на чело на протестите што траат цела година и „ја потресоа власта на популистичкиот претседател Александар Вучиќ“ и дека веруваат дека жртвите во Нови Сад починале „затоа што корупцијата во владата предизвикала небрежна реконструкција на станицата“.
АП пишува дека уште еден мал број студенти им се придружиле на студентите од Нови Пазар кои пешачат од 16 октомври, и дека денеска го напуштиле градот Уб со нив откако ја поминале ноќта таму.
„Луѓето ни свират (од своите возила) и излегуваат од своите куќи за да нè поздрават, што навистина многу ни значи. Ова е навистина нешто посебно“, изјави за АП студентката по хемија Емина Спахиќ (20).
Таа вели дека студентските протести во Нови Пазар „ја вратиле надежта дека работите можат да се променат“.
Инес Хоџиќ (23), која живее таму и студира биохемија во Нови Сад, процени дека студентските маршеви би можеле да ги променат стереотипите што ја хранат недовербата меѓусебе, како што пишува АП, доминантно православните Срби и муслиманските Бошњаци од војната во соседна Босна и Херцеговина (1992-1995).
„Имаме шанса да ги промениме работите. Сега гледаме дека сите сме исти и дека треба да застанеме заедно“, рече Хоџиќ.
АП потсетува на барањето на студентите за распишување вонредни парламентарни избори и дека Вучиќ го одбива, а дека владата, во обид да ги скрие протестите, уапсила или им се заканила на десетици студенти.


