Аналитична, прецизна и јасна книжевна критика содржи книгата „На врв од острицата“ од Сузана В. Спасовска
Друштвото на писателите на Македонија и издавачката куќа „Макавеј“ ја организираа промоцијата на книгата „На врв од острицата“ („Макавеј“, 2024) од Сузана В. Спасовска, која се одржа на 8 април, во ДПМ.
Препорачано
Книгата содржи шест циклуси: Критика на денот, Непрежалената периодика, Во слава на живата реч, Антологиски предизвик, Од светот на реалното до небеската река и Вонкнижевни парадигми, во кои се поместени новински критики, интерпретации и анализи објавувани во книжевната периодика, промотивни беседи, како и реферати претставувани на научни симпозиуми и конференции.
Промотори на книгата беа Соња Стојменска-Елзесер од Институтот за македонска литература и Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
– На врв од острицата е критичко-есеистичка книга во која се собрани текстови што ја отсликуваат критичарската активност на авторката во текот на повеќе од две децении. Она што ги обединува овие текстови е живиот, страстен и едуциран интерес на Спасовска за македонската литература и во тие рамки, доминантно за поезијата. Токму таквиот фокус ѝ придодава посебно значење на оваа книга, која со самиот наслов ја манифестира тенденцијата да биде валоризаторски аналитична, прецизна и јасна. На околу триста страници авторката загатнува низа значајни проблемски пунктови и преку анализите и коментарите првенствено придонесува за опфатно и квалитетно толкување на македонската современа поезија, како и на поопштите процеси и појави во македонската литература, но и на некои глобални културолошки феномени – истакна Соња Стојменска-Елзесер.
Изданието е поддржано од Министерството за култура на РСМ, како дел од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес за 2024 година.
Авторката Сузана В. Спасовска (1972) дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Објавила седум стихозбирки, една антологија и една научна студија за слободниот стих (2021).
Работи на Факултетот за странски јазици при Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје како лектор по македонски јазик. Уредник е во електронското списание за литература и други уметности „Блесок“. Член е на Друштвото на писателите од 2019 година, а од 2024 година и член на Управниот одбор на ДПМ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 276, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.4.2025)


