Фото: EPA/JULIEN WARNAND

Американско цивилизациско самоубиство

Стратегијата за национална безбедност на администрацијата на Трамп е радикално отстапување од досегашната американска политика. Но, дури и додека Америка отфрла сè за што некогаш се залагала, на Европејците им останува еден избор: уште поодлучно да истраат на сопствените принципи.

Претходно овој месец, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, понуди концизен опис на новата Стратегија за национална безбедност (СНБ) на администрацијата на Доналд Трамп, велејќи дека таа е „главно во согласност со нашата визија“.

Тој е во право. СНБ не содржи ниту трошка критика кон Русија, ниту поради нејзината сè поавторитарна внатрешна политика, ниту поради нејзината отворена воена агресија против Украина. Наместо тоа, таа ја издвојува Европа – долгогодишниот демократски пријател и сојузник на Америка – како цел за напади.

Вистина е дека, кога првата администрација на Трамп ја објави својата Стратегија за национална безбедност во 2017 година, многу се зборуваше за националниот суверенитет како вредност којашто има предност пред сите останати. Меѓутоа, тој документ и понатаму го препознаваше значењето на американските сојузници, наведувајќи дека „Соединетите Држави и Европа ќе соработуваат за да се спротивстават на руската субверзија и агресија“. Покрај тоа, тој напор беше дел од пошироката стратегија на „натпревар на големите сили“, во која Кина имаше истакнато место.

Оттогаш Русија започна инвазија од полн обем врз Украина, а Кина стана уште позначаен глобален актер. Но, втората администрација на Трамп ѝ оди по волја на Русија, ги критикува Европејците, а заканата од Кина ја опишува исклучиво како економска. Се чини дека натпреварот на големите сили му отстапи место на другарството на големите сили. Соединетите Држави сега порачуваат дека се повеќе заинтересирани за „стабилност“, која, наводно, може да се постигне со соработка со рускиот претседател Владимир Путин и преку еден вид „Г2“ аранжман со кинескиот претседател Си Џинпинг. Премолчената порака е дека големите сили размислуваат на ист начин: секоја сака сопствена сфера на влијание и ѝ дава предност на моќта над принципите.

Како што веќе забележаа многубројни коментатори, СНБ претставува радикален раскин со досегашните американски политики и доктрини. Таа предвидува пресврт назад кон западната хемисфера и испраќа сигнал дека профитот ќе има предност пред принципите по речиси сите прашања. Блискиот Исток, на пример, пред сè се набљудува како инвестициска дестинација. Политиката е комплицирана, а склучувањето комерцијални договори е едноставно.

Сепак, во Стратегијата особено се издвојува жестоката осуда на Европа, и тоа не само поради недостигот на аргументација на која се заснова. Во документот се тврди дека „најдоцна за неколку децении одредени членки на НАТО ќе станат мнозински неевропски“ и дека Европа, наводно осудена на „цивилизациско бришење“ (термин кој многумина сметаат дека е ракопис на потпретседателот Џ. Д. Венс), не може да биде сигурен сојузник. А тоа едноставно не е точно. Не постои ниту една европска држава во која „неевропејците“ во догледна иднина би го сочинувале мнозинството од населението. Тоа важи и за земјата со најголем удел на муслимани – Русија.

Ваквата гнасна реторика доаѓа директно од арсеналот на европските екстремисти. И вчудовидувачки е што таа ќе стане основа на начинот на кој Америка ќе се однесува кон своите најсилни и најблиски сојузници. Администрацијата на Трамп сега е подготвена да се меша во внатрешните работи и политиката на европските земји за да промовира „патриотски“ сили – што во практика значи оние што ја шират истата расистичка пропаганда. Дури ни Русија не била толку отворена во намерата да се меша во европските демократски процеси.

Останува да се види каков исход ќе има сето ова. Приклонувањето кон Трамп тешко дека е добитна изборна стратегија, па може да се покаже дека американските обиди за мешање во европските прилики ќе бидат еднакво неуспешни како и руските. Сепак, тие би можеле да бидат значително поштетни, имајќи го предвид тоа колку трансатлантските односи веќе се влошија.

Секако, ниту ние Европејците не сме без проблеми. Итно мораме да го оживееме својот претприемачки дух, конкурентноста и глобалната трговска ориентација, да ја зајакнеме одбраната и да го прошириме нашиот успешен проект на интеграција на целиот континент. Управувањето со миграциите секако претставува предизвик, исто како и во Соединетите Држави.

Меѓутоа, во целина, ние сме исклучително успешни општества и тоа не смееме да го заборавиме. Обидите за атентати и политичкото насилство кај нас се исклучително ретки. Немаме политизирани маси што упаѓаат во парламентите. Нашите демократии остануваат отворени и витални, а повеќето од нив го заземаат самиот врв на светските ранг-листи за слобода на медиумите. Уделот на населението во затворите изнесува само една петина од американскиот, а стапките на убиства се само мал дел од оние во САД. Немаме огромен трговски дефицит со остатокот од светот. Нашите здравствени системи обезбедуваат подобри резултати и подолг животен век од кои било други, а државите членки на ЕУ во целина имаат пообразовано население.

Секако не сме во ризик да „исчезнеме“, како што тоа апсурдно го тврди СБН. Малку се местата на Земјата кои нудат подобар квалитет на живот на поголем дел од населението отколку што е тоа Европа. Наместо да се обидуваме да ѝ угодиме на Америка на Трамп, мораме да застанеме цврсто, повторно да се определиме за сопствените вредности и да се надеваме дека идеолошката конфузија преку Атлантикот наскоро ќе помине. Ако тоа не се случи, цивилизациското самоубиство нема да биде наша одговорност.

Вијести

(Авторот е поранешен министер за надворешни работи на Шведска)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот