Американските власти го отстранија мистериозниот монолит во Невада
Американските власти го отстранија мистериозниот монолит кој се појави на планинскиот венец во близина на Лас Вегас. Се уште не се знае кој и зошто го ставил таму.
Препорачано
„Засега не е познато како предметот стигнал до локацијата или кој е одговорен за тоа“, соопшти во петокот полицијата во Лас Вегас.
Монолитот е висок речиси два метра, а минатиот викенд тој беше откриен во пустината Невада. Предметот беше забележан од полицијата во Лас Вегас за време на мисија за пребарување и спасување северно од долината Лас Вегас, пишува Си-Ен-Ен.
Монолитот наликува на други слични мистериозни објекти кои се појавија низ светот во 2020 година. Исто така, има сличности со оној од култниот научно-фантастичен филм од 2001: Одисеја во вселената, во режија на Стенли Кјубрик.
Пред околу четири години, слични предмети се појавија на различни места, вклучително и еден во американската пустина Јута. Во ноември 2020 година, тој беше забележан од пилот на хеликоптер. Отприлика во исто време, еден бил пронајден во Романија, како и еден во Калифорнија и на островот Вајт во Англија.
Уште еден монолит се појави на врвот на еден рид во Велс во март. Очевидци велат дека скулптурата изгледала совршено исправено. Засега не е познато кој ги поставува овие необични предмети.


