Американскиот тромбонист Кристофер Кокс ќе настапи со „Одрон ритуал оркестра“ во Македонски паб „Ѕе“
По 14 месеци тишина, „Одрон ритуал оркестра“ излегува од сенката на својата светлост. Првиот клупски концерт на овој монолит ќе го донесе обредниот звучен ѕид поблиску од било кога. Непосредноста на Македонски паб „Ѕе“ (ГТЦ, Скопје) е совршен терен за оваа интеракција. Напуштањето на префиксот „Светлост +“ ја најавува новата колаборативна насока на овој дум-џез ансамбл. Концертот ќе се одржи на 28 февруари, со почеток во 21:30 часот.
Препорачано
Заедно со оркестарот, во Скопје своето деби ќе го има Кристофер Робин Кокс – американски тромбонист и импровизатор – чест соработник на Дени Омерагиќ во неколку унгарски ансамбли. Неговото име е познато од трио-албумот „Urgent“, како издание на дискографската куќа „ПМГ Џез“.
Израснат во Сан Франциско, неговиот музички сензибилитет е производ на калифорниската фри-џез револуција од ’90тите години на минатиот век, каде соработувал со имиња како Марко Енеиди, Глен Спеармен, Џасон Робинсон Били Банг, Сесил Тејлор, „Џанкјард емпајр“ и Амири Барака.
Во составот на „Одрон ритуал оркестра“ ќе настапат Нинослав Спировски (кларинет / сопран саксофон / тенор саксофон), Благојче Томевски (кларинет / бас кларинет), Васко Бојаџиски (алт саксофон / тенор саксофон), Владан Дробицки (тромбон), Кристофер Кокс (тромбон / електроника), Кристијан Новковски (тапани / удиралки), Марко Ковачевиќ (тапани / удиралки), Филип Букршлиев (електрична гитара) и Дени Омерагиќ (бас гитара / контрабас / електроника).
Поради големината на ансамблот и просторните ограничувања, билетите ќе бидат достапни во исклучително мал број пред почеток на концертот, по симболична цена од 200 денари.


