Американската амбасада се оградува од договорот со „Бехтел и Енка“: Тоа не е владин ентитет

Амбасада на САД / Фото: Слободен печат

Амбасадата на САД се огради од договорот на Владата на Северна Македонија со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, кој деновиве ја бранува јавноста.

На потпишувањето на договорот со конзорциумот чијшто дел е „Бехтел“ – најголемата американска градежна компанија, како и на церемонијата за поставување камен-темелник на делницата од Коридорот 8, присутна беше и амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Но, во одговор до телевизијата „Алфа“, од амбасадата велат дека оваа фирма не е ентитет на американската влада и дека тие не се дел ниту од преговорите, ниту имаат некаква улога во утврдувањето на условите од договорот.

„’Бехтел’ не е ентитет на американската влада и ова не беше договор на американската влада. Иако Амбасадата на САД не е вклучена во одредувањето на исходот од приватните инвестиции, поттикнувањето на економскиот развој и комерцијалното партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија останува една од примарните мисии на Амбасадата. Амбасадата понекогаш служи како советодавен капацитет за деловната клима во Северна Македонија за американските компании кои сакаат да се прошират овде, но не презема никаква улога во преговорите или диктира услови за каков било договор. Прашањата за преговарачкиот процес и резултатите треба да се упатат до преговарачките страни“, велат од амбасадата за „Алфа“.

„Бехтел и Енка“ во сабота официјално треба да почнат со градежните работи на Коридорот 8, а во мај треба официјално да се означи и почетокот на изградбата на Коридорот 10-д.

Договорот кој Владата го потпиша, а потоа соопшти дека во него има делови што се тајни, деновиве предизвика многу внимание во јавноста, која засега нема увид во тоа што е договорено и потпишано за трошењето на 1,3 милијарди евра – пари на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот