Амбасадорот Јан Коп критикува, Османи прашува како бевме блокирани во ЕУ во 2019

Ахмети-Јан Коп/ Фото: ФБ профил на холандска амбасада

Изјавата на холандскиот амбасадор за континуираниот пад на владеењето на правото, според министерот Османи е судир на различни концепти за постигнувањето европски стандард на владеење на правото

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп со последната изјава и критика за континуиран пад на владеењето на правото во Македонија го продолжува ставот на холандската Амбасада, оценува министерот за надворешни работи Бујар Османи, но возвраќа со прашањето како бевме блокирани во ЕУ во 2019 година.
Според Османи, причина за неможноста да постигнеме европски стандард за владеење на правото е токму блокирањето на нашиот пат кон ЕУ.

– Ова е продолжување на ставот на холандската Амбасада којшто амбасадорот го кажа во неколку наврати пред крајот на минатата година во многу интервјуа. Веројатно ДУИ е еден од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме суштински две концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некој тоа го чита како комплимент, од друга страна некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве некој може да каже злонамерен па Холандија е позната по немање на расположение за проширување, изјави Османи на вчерашниот брифинг за медиумите, одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира пораката на холандскиот амбасадор Јан Коп, дадена на средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава.

Османи: Без преговори со ЕУ само до балкански стандард на владеење на правото

Ставот на Oсмани, пак, е дека ние без преговори со Унијата не можеме да постигнеме европски стандард за владеење на правото, туку, како што кажа, „можеме некаков балкански стандард на владеење на правото да постигнеме и сами“.

– Не можеме, тврдам не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право без процес на преговори и тие два процеса се меѓусебно поврзани. Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување на тој европски стандард. Така што, тука прашање е кој е постаро, јајцето или кокошката, дали причината за тоа што не можеме да постигнеме европски стандард е што сме блокирани или тоа што не постигнуваме европски стандард е причина што не можеме да се движиме кон ЕУ. Мислам дека има тука многу сиви зони. Но, има и една разлика, а тоа е дека ставот дека има политичко влијание врз судството повеќе сметаме дека има одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата, рече Османи.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, на завчерашната средба со лидерот на ДУИ Али Амети ја пренел порака дека посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава.

„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар“, објави холандската амбасада во земјава на официјалниот Фејсбук профил.

Но, падот на владеењето на правото во Македонија не беше единствената порака од Јан Коп. Тој уште го повтори ставот на Амбасадата за политичкото влијание врз претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

– Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија, пишува во објавата.

Ковачевски: Одговори да се бараат од оние што се задолжени за владеење на правото

Премиерот Димитар Ковачевски не го коментираше овој став на амбасадорот Јан Коп, изјавувајќи дека „никогаш не го запознал претседателот на Врховниот суд во капацитет на својата дејност бидејќи судската и извршната власт се одвоени“.

– Доколку кој било бил под притисок од кого било, тоа треба да го каже со име и презиме, вели Ковачевски запрашан за вчерашните критики од амбасадорот Јан Коп на средбата со Ахмети.

Според него, „во ред е ставот на амбасадорот, но ако има притисок, треба да се каже со име и презиме“. Тој буквално се огради од континуираниот пад на владеењето на правото како што рече Јан Коп, и упати за тоа да се бараат одговори од тие кои што се задолжени за владеењето на правото.

Ова не е првпат холандскиот амбасадор кому патем наскоро му завршува мандатот да се огласи со сериозни критики дека во Македонија нема вистинска политичка волја за промена. Во своите изјави тој вели дека само се „трупаат изговори, додека реформите каскаат во место и дека сѐ е заглавено поради недостатокот на имплементација, како и поради корупцијата и непотизмот“. Притоа најголемите критики ги упатува на судството каде што „состојбите не оставиле друга опција освен да ја евалуираат поддршката која што ја даваат“, говорејќи за Огромните суми што се давани за обука на судии и обвинители.

Изјавата на амбасадорот Јан Коп ја коментираше и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според кого, истото го повторува и неговата партија, ама кога укорот ќе дојде од влијателен претставник на меѓународната заедница, тоа се сфаќа поинаку отколку она што го зборува ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова е само потврда дека она што се случува изминатите повеќе од шест години не само што ја врати години наназад Македонија туку ќе ни треба време прво да ја вратиме во нормален колосек државата, а потоа да ја развиваме онака како што сакавме да ја видиме оваа држава во оние рани 90-ти кога стануваше независна, изјави Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот