Амар Мецинович - Кандидат за градоначалник на град Скопје од Левица - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Амар Мецинович - Кандидат за градоначалник на град Скопје од Левица - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Амар Мециновиќ: Ја водиме битката на Давид против Голијат

Амар Мециновиќ, кандидатот на Левица за градоначалник на Град Скопје, е пресреќен што доби доволен број гласови за пласман во вториот круг од локалните избори. Тој вели дека остварениот резултат е историски, бидејќи за првпат во вториот круг влегува кандидат кој не е поддржан од двете најголеми политички партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.

– За почеток сакам да им се заблагодарам на сите скопјани што излегоа и го дадоа гласот за нас и се надевам дека во наредниот период само ќе го окрупниме гласачкото тело. И да им се заблагодарам на сите скопјани што ни се придружија во тоа што го градиме, затоа што градиме едно движење што е поголемо од Левица и поголемо и од мене лично. Затоа што тоа е движење на сите скопјани – вели Мециновиќ.

Во интервјуто за „Слободен печат“ тој открива дека во последните денови од кампањата почнал да верува дека пласманот во вториот круг е можен, иако на овие избори кандидатите од неговата партија беа хендикепирани, бидејќи Левица не ги исполни законските одредби за платено политичко рекламирање и финансирање во медиумите.

– Искрено во завршните фази на кампањата веќе почнавме да веруваме во успех, затоа што можевме да го опипаме пулсот на терен, а нашите активисти беа неуморни на терен. Но, потоа иницијалната забрана за рекламирање многу бргу ја надминавме. Нашите активисти излегуваа на терен. Времињата очигледно се менуваат, новите начини на комуникација стануваат сè порелевантни. На самиот крај, да, јас ќе кажам, ова беше неправедно и можеби беше уште подобро да ја немаше таа забрана, но едноставно се покажа дека не е пресудно. Дури сега мислам дека во вториот круг има многу јасна дистинкција, затоа што во вториот круг еден кандидат ќе биде на билборди, на телевизиските станици, во портали, на радио, тоа е кандидатот поддржан и овозможен од системот, и вториот кандидат, да не зборувам за себе во трето лице, јас, кој нема да има пристап до рекламен простор – додава тој.

Во наредниот состав на Советот на Град Скопје, Левица ќе има шест советници со што ќе стане втора партија по ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ смета дека тоа е голем успех за Левица, но смета и дека мнозинството што го сочинуваат владејачките партии нема да биде пречка за него доколку во вториот круг успее да оствари победа во битката за градоначалник.

– Јас сум сигурен дека скопјани, кои се заинтересирани да го видат Советот на градот ревитализиран, ќе наметнат политички притисок на сите чинители во Скопје и затоа ќе нема нова блокада на градот. Особено што нашата политичка програма претпоставува доближување на работата на градските власти до граѓаните. Ние сакаме да претставиме електронско, односно дигитално следење на работата на Скопје, за тоа како кој советник гласа, дали доаѓа на седници или не итн. Мислам дека кога ќе ја доближиме градската власт до граѓаните, тие ќе можат подобро да го следат градот и да бараат нивните потреби да бидат задоволени. Мислам дека и ако победам во вториот круг, Советот ќе функционира затоа што ќе се најде заеднички јазик за доброто на Скопје – смета кандидатот на Левица.

Мециновиќ јавно му го честита одличниот резултат на противкандидатот Орце Ѓорѓиевски, остварен во првиот круг од изборите. Свесен е дека предноста на претставникот на владејачката коалиција е голема, но верува дека победата е можна.

– Првпат скопјани ги видоа пукнатините на монополот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, и откако ќе пукне браната, ништо нема што да може да ја спречи нашата победа. Мислам дека во наредниот период ќе се охрабрат многу луѓе, оние што се неопределени, оние што не излегле да гласаат, оние што сè уште се двоумат и се колебаат – вели тој.

Тој е задоволен и од севкупниот успех што на локалните избори го постигна Левица.

– Тоа што сме втора најсилна партија во Скопје, сметаме дека е доволен успех за нас на овие избори, неверојатен успех, историски успех, дури и со доза на скромност, така што сме задоволни генерално со настапот, нашата структура никогаш не била поздрава, пожива и тоа се покажува. Затоа што ние се бориме со видеа и рилови против ВМРО-ДПМНЕ, партија што нè задолжи 7 милијарди евра. Ја водиме битката на Давид против Голијат – изјави Мециновиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот