Алушовски: На крајот бевме посреќни и заслужено победивме!

фото/фејсбук/еурофарм работник

Екипата на Еурофарм Работник запиша прва историска победа во дебитантскиот настап во Лигата на шампионите. Денеска пред домашните навивачи во Битола го доби дуелот против финскиот Кокс (31:30) и ги запиша првите бодови во рамки од групата „Ц“.

Тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски и пред натпреварот истакна дека очекувал ваков тврд и неизвесен натпревар.

– Трипати губевме, денеска ни се посреќи. Како да ни е судено да играме добро прво полувреме, а потоа во второто да влеземе во егал завршница. На крајот бевме посреќни и заслужено победивме. Им честитам на моите момци за првата историска победа на Еурофарм Работник, на нашето претседателство, на публиката во Битола. Ние сме млад тим кој за првпат се радува во Лигата на шампионите и се надевам дека нема да ни биде единствен триумф. На тимот на Кокс му честитам на извонредната игра, немаше да биде незаслужено доколку и тие освоија бод. Им посакувам многу среќа во понатамошните мечеви, а на нам ни останува да се фокусираме на следниот дуел против Татран Прешов – рече Алушовски на прес конференција после мечот.

Еден од оние кои што исто така придонесоа за првите историски бодови на Еурофарм Работник беше и десниот бек Михаил Петровски кој трипати се запиша во листата на стрелците.

– Сакам да им честитам на моите соиграчи за првата победа во Лигата на шампионите. Честитки и за фер плејот на гостинската екипа. Добро го отворивме натпреварот, во второто повторно завладеа тој грч. Гостите успеаја да се вратат од минус четири, имаа шанса дури и да победат, но на крајот баш ми е драго што покажавме карактер и излеговме како победници. Сега имаме една недела да ги консолидираме редовите за наредниот дуел – вели Петровски.

Наредниот петти меч во ЛШ битолчани исто така ќе го играат во салата „Боро Чурлевски“ на 20 октомври против словачкиот Татран Прешов (17.00 часот).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот