Алтернатива: Круна на успехот на директорот на „Идризово“ Тахири е откривањето на тунелот, МВР да не се кити со туѓи пердуви

Фото: МВР/принтскрин

Опозициската Алтернатива во одбана на довчерашниот директор на затворот „Идризово“ Шпенд Тахири како најзаслужен за откривањето на тунелот ископан од затвореници осудени на повеќегодишни робии.

„Вчерашната акција во затворот „Идризово“, што резултираше со откривање на тунел кој бил копан долго време за бегство на затворениците, е токму резултат на ангажманот на директорот на затворот кој е од Алтернатива, Шпенд Тахири. Да се каже дека директорот на затворот „Идризово“ е сменет како казна не само што е недолично, туку е и неблагодарно кон човекот кој до последниот ден на својата работа работел без ниту една афера и без ниту едно обвинение од никого за неговата коректна работа. За жал, повеќе благодарни за неговата работа се нашите меѓународни пријатели отколку нашите државни институции. Како и да е, токму благодарение на совесното менаџирање на затворската институција од страна на Шпенд Таири беа откриени, фатени и санкционирани безброј обиди за бегства и внесување на наркотични средства во затворскиот круг, вклучително и овој последниот, кој е круна на неговиот успех“, велат од Алтернатива.

Според партијата, акцијата во Идризово се подготвувала подолго време и ќе биде запишана како историски успех на директорот на затворот во Идризово.

„За жал, Министерството за внатрешни работи се кити со туѓи пердуви – сака да придобие од работата на некој кој и со жртвување на својот и животот, на своето семејство работел достоинствено и со најголема професионална совест во институција која можеби е најтешка за менаџирање во државата“, велат од Алтернатива.

Од партијата додаваат дека Тахири е сменет бидејќи е кадар на Алтернатива. Според опозициската партија, нарцисите од династијата на ДУИ и недостојните за договори од СДСМ се алергични на критики.

Од таму велат дека Шпенд не е виновен што двете партии ги уживаат последните денови од власта и дека  состојба на паника ги тера да реагираат на штета на државните интереси.

МВР вчера соопшти дека во координација со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е спречено организирано бегство од затворот „Идризово“    и објави и снимки од тунелот долг 60 метри, кој го ископале затворениците.  МВР соопшти дека до било криминалистички сознанија дека група од најмалку осуммина осуденици кои издржуваат казна затвор во КПД „Идризово“, осудени за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор, подготвуваат бегство од затворот со копање на тунел.

По информацијата за откриениот тунел за бегство од „Идризово“, Владата попладнево на седница го разреши директорот на затворот, Шпенд Тахири, и на негово место го назначи полицискиот генерал-мајор Зоран Јовановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот