„Ало-банда“ оперира во Македонија, со лаги „дипли“ илјадници евра по телефон
Разговаравме со лицата кои примиле телефонски повици и кои не наседнале на измамата, но сепак во Македонија има и такви што биле „исцицани“ за десетици илјади евра.
„Слободен печат“ истражува, како изгледаат телефонските повици, шемите и приказните на „Ало-бандата“ што се богати врз грбот на измамени граѓани во Бугарија и Грција, со приказни за наводна сообраќајка во која член на семејството убил дете, и сега требаат 10.000 евра за да се „замачка работата“.
Препорачано
Можно ли е, истата групација која во петокот беше заловена во Бугарија, да оперира и во Македонија, со оглед на тоа што приказната за детето и сообраќајката, по телефон ја слушнале и скопјани, врз кои имало неуспешен обид да бидат „обработени“ во барабанот на престапниците?
Индициите за ова се големи, а доколку сепак не станува збор за истата група, тогаш „вртачите“ што се јавуваат во Скопје, мора да се „инспирирани“ од своите бугарски „колеги“ поради сличноста на приказната што им ја пласираат на потенцијалните жртви.
Разговаравме со лицата кои примиле телефонски повици и кои не наседнале на измамата, но сепак во Македонија има и такви што биле „исцицани“ за десетици илјади евра.
– Буквално не извадија од памет. Се јавија кај мајка ми, со приказна дека сестра ми направила сообраќајна несреќа заедно со зетот и дека згазиле човек. Мајка ми се јави прво кај мене. А во меѓувреме ја побара сестра ми на телефон. Мајка ми ми рече, дека јавувачите имале бугарски нагласок. На крајот на разговорот ѝ рекле на мајка ми дека може да ѝ помогнат ако сака, но таа ги одбила и се јави кај мене, па преку луѓе во МВР проверувавме дали навистина имало сообраќајка. Се претставиле дека се од МВР. Рекле дека на сестра ми ѝ се скршени забите и затоа не може да се јави. Во групата има и женска личност. Во позадина се слушал женски плачлив глас, „мамо помогни ми, мамо“. Цела фамилија бевме во шок и траума. Ако се јават кај повозрасни луѓе на пример пензионери, тогаш тоа се големи трауми. Може да се случи и смртен случај. Нема пензионер кој не е под лекарства – ни рече синот на една од жените што на фиксен телефон примила повик од измамник.
Целосното истражување, како точно изгледало сценариото со кое им настапиле на жртвите и „методите“ со кои работат Ало-измамниците, прочитајте ги во утрешното издание на „Слободен печат“.


