Алиу воведува 6 наместо 3 ин-витро процедури на товар на ФЗОМ: Создавањето семејство не смее да биде луксуз, тоа е право
Министерството за здравство започнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и Кичево, најави министерот за здравство Азир Алиу. Тој вели дека Министерството за здравство почнува да спроведува национална програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем – прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика на справување со ризици, дефинирањена стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствени и безбедносни институции.
Препорачано
Тоа што денес сакам да го најавам не е само уште една програма, туку системска трансформација – од здравствен систем кој досега реагираше со доцнење, кон систем што превенира, се подготвува и дејствува навремено. Со оваа платформа ја јакнеме издржливоста на системот и правиме чекор напред кон интегрирана здравствена безбедност, рече министерот за здравство Азир Алиу.
Тој истакна дека е почнато темелно ажурирање на националниот акциски план за здравствена безбедност, со вклучување на лекциите од пандемијата, во согласност со стандардите на СЗО и ЕУ и зајакнување на законската рамка за меѓусекторска координација.
Ова е јасна политичка порака – здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем кој реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори, нашата држава прави пресврт – од реактивен кон проактивен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана. Веруваме дека здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена. А реформите што ги започнуваме се најдобрата инвестиција во нивната заштита. Но, за еден здравствен систем да биде навистина отпорен, реформите мора да се надополнат и со реални, капитални инвестиции, рече Алиу.
На сајтот на Министерството за здравство каде функционира алатката за пријавување неправилности, преку која граѓаните можат директно да пријават проблеми во системот досега регистрирани се 90 пријави, најмногу од Скопје. Најчести се поплаките за доцнење на резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и приватниот сектор.
Но најважно е што овие пријави и претставки не остануваат во фиока – секоја се разгледува од посебна работна група, со цел да има институционална реакција. Ова е јасната политичка порака: времето кога здравствените проблеми се игнорираа заврши. Сега граѓаните имаат глас – и тој глас ќе се слуша, рече Алиу.
Тој се осврна на направените измени на Законот за здравствена заштита со кое наместо 3 бесплатни инвитро обиди, сега достапни се шест на товар на Фондот за здравство.
Создавањето семејство не смее да биде луксуз, туку право. Затоа ја тргнавме административната бариера, го удвоивме бројот на поддржани обиди за ин-витро од 3 на 6 и ја дигитализиравме постапката, а времето за одобрување е скратено на само две недели. Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и започнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани. Ова се конкретни чекори со кои го приближуваме здравствениот систем до човекот, рече Алиу.


