Албумот „Филхармонија во срцето“ има промоција на отворањето на сезоната

На отворањето на новата концертна сезона „Дамар на слободата“ на Филхармонија ќе биде промовирано и новото це-де „Филхармонија во срцето“, кое го издаде „Con:tempo“ во соработка со Филхармонија на РСМ.

Албумот е снимка од истоимениот концерт на Камерниот оркестар на Филхармонија, кој го водеше диригентката Дијана Имери Илкоска, а како солисти настапија Елена Дојчинова (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). На албумот може да се слушне изведбата на дела од Антон Аренски, Антонин Дворжак и од македонскиот композитор Томислав Зографски.

– Исклучително сум среќна што токму овој концерт се најде на це-дето, бидејќи станува збор за изведба во живо – вели Дијана Имери Илкоска, диригентката која во водеше концертот „Филхармонија во срцето“.

Дијана Имери Илкоска е една од најреномираните македонски диригенти, а во својата досегашна кариера бележи бројни настапи во земјата и странство. Соработува со оркестри како Филхармонија на РСМ, НОБ, Дубровачкиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар и хор на БНР и бројни камерни состави. Во нејзините изведби покажува раскошен музички талент и префинетост, како и редок уметнички сензибилитет и израз.

Флејтистката Елена Дојчинова и обоистот Владимир Лазаревски се реномирани македонски уметници и членови на Филхармонија. На новото издание можеме да ги слушнеме во „Класична суита“ за флејта, обоа и камерен гудачки оркестар од еден од најистакнатите македонски композитори Томислав Зографски.

Новата сезона на Филхармонија ќе биде отворена на 6 октомври, во 20 часот, со концертот насловен „Зорнина“. На програмата се дела од генијалниот Волгфанг Амадеус Моцарт – три клавирски концерти и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“. Диригент е маестро Гудни А. Емилсон од Исланд. Мото на сезоната е „Дамар на слободата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот