Албанија утре ќе го отвори последниот кластер од преговорите со ЕУ
Советот на Европската Унија ја објави агендата на седмата меѓувладина конференција за членството на Албанија, што ќе се одржи утре, на 17 ноември во Брисел, пренесува Ора њуз.
Препорачано
Според официјалното соопштение, со конференцијата ќе претседава Мари Бјер, министерка за европски прашања.
Конференцијата ќе започне во 20:00 часот, а потоа ќе има прес-конференција околу 21:20 часот.
„Овој состанок ќе послужи за отворање преговори со Албанија за Групата 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“, вклучувајќи ги Поглавјето 11 (земјоделство и рурален развој), 12 (безбедност на храната, ветеринарство и фитосанитарни прашања), 13 (рибарство и аквакултура), 22 (регионална политика и координација на структурни инструменти) и 33 (финансиски и буџетски одредби)“, се наведува на официјалната веб-страница на ЕУ.
Пред два дена, албанскиот премиер Еди Рама го најави одржувањето на седмата меѓувладина конференција со ЕУ, за отворање на последното групно поглавје од преговорите.
Премиерот Рама подвлече дека со отворањето на оваа група поглавја, Албанија го постигнува невозможното, бидејќи ги финализира сите преговарачки поглавја во рок од 12 месеци, постигнувајќи апсолутен рекорд во напредокот на европската интеграција.


