Актуелни началници од Кочани, кои биле на функција кога се случи трагедијата, на распит во Обвинителство
Актуелни началници на ОВР Кочани кои биле на функција кога се случи пожарот во Кочани во кој загинаа 62 млади луѓе биле повикани на распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција каде што се води истрагата за полицајците.
Препорачано
„Слободен печат“ дознава дека на распит биле повикани Томо Донев – началник за криминалистички работи во Кочани, Марија Маневска, началник на ОВР Кочани и Кристина Јованова, главен инспектор за економски криминал. Овие имиња беа споменувани во јавноста како актуелни началници за време на трагедијата, кои не се меѓу обвинетите во истрагата.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат информацијата, со оглед на тоа што одделението кое е надлежно да постапува за кривични дела кои се извршени од лица со полициски овластувања и е дел од Организиран криминал, сè уште ја води истрагата за полицајците осомничени за трагедијата и сите инволвирани може да бидат повикани на распит.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вчера во интервју за Телевизија 24 кажа дека истрагата за полицајците може да трае и три месеци и не ја исклучи можноста да биде проширена. Досега осомничени се 14 полициски службеници, но не за постапување на кобната ноќ.
Овие имиња се споменуваа и во кривичната пријава што лидерот на Левица Димитар Апасиев ја поднесе до Обвинителството против премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, Коцевски намерно не ги гони актуелната началничка на ОВР Кочани Марија Цветковска Маневска, која е на функција повеќе од една година, потоа началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани Томо Донев, кој беше сликан во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, началникот на СВР Штип Дејан Салтирски, кој му беше советник на министерот за внатрешни работи во техничката влада. Салтирски, како што претходно обвини „Левица“, ги терал вработените во МВР, со бланко потпишани полномоштва, да го тужат Министерството за неисплатени додатоци на плата преку адвокатската канцеларија на сегашниот министер.
– Овие лица се активно одговорни затоа што не презеле навремени и соодветни мерки и пропуштиле да ги истражат и да ги санкционираат неправилностите поврзани со работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани. Но токму против овие лица што биле на функција кобната вечер не е поведена истрага – се вели во пријавата.
Во истрагата, според пријавата, изоставена е и главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани – Кристина Јованова, која и покрај фактот дека објектот само неколку месеци пред тоа бил казнет од УЈП поради неиздавање фискални сметки, не презела никакви мерки за објектот.


