„Ако си маж, не излегувај од канцеларија“ – Бериша му даде совет на Рама пред утрешниот протест на опозицијата во Тирана
Бериша изјави дека албанскиот премиер Еди Рама ќе добие, како што рече, „силна лекција од граѓаните“, додавајќи дека протестот ќе биде токму таков одговор каков што, според него, го заслужува актуелната власт.
Со остри пораки и јасна најава за ескалација на притисокот, лидерот на албанската Демократска партија, Сали Бериша, денеска од редовната неделна прес-конференција најави масовен протест на опозицијата, кој утревечер ќе се одржи пред зградата на Владата во Тирана, објави „CNA“.
Препорачано
Бериша изјави дека албанскиот премиер Еди Рама ќе добие, како што рече, „силна лекција од граѓаните“, додавајќи дека протестот ќе биде токму таков одговор каков што, според него, го заслужува актуелната власт.
„Ќе ѝ одржиме лекција на Владата каква што заслужува – така го опишувам протестот. Граѓаните ќе ѝ одржат силна лекција на владата. Нека остане во канцеларија. Тоа е она што го велам – остани таму. Ѕидовите ги блиндиравте, ги запечативте вратите, влези и остани внатре, ако сте маж“, рече Бериша.
Тој оцени дека премиерот Рама се наоѓа во „црвен круг“ и дека опозицијата заедно со граѓаните ќе го соборат.
Во продолжение, Бериша најави и прекин на соработката со, како што ја нарече, „нарко-мнозинството“ во парламентот.
„Престанавме да соработуваме со нарко-мнозинството. Ние, опозициските сили, ќе формираме комисии за територијална и изборна реформа и ќе ја спроведеме вистинската реформа“, нагласи лидерот на Демократската партија.
Партијата на Бериша во албанскиот парламент располага со 50 од вкупно 140 пратенички места. Протестот е поддржан и од Партијата на слободата, предводена од Илир Мета, кој се наоѓа во затворски притвор.
Собирот ќе се одржи под мотото „Национален протест – Долу“, а почетокот е закажан за 17 часот пред владината зграда во Тирана.


