Ако навистина мора, нека биде со едно лажиче

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Морам да признам дека немам никакво практично искуство со светите тајни на христијанството и на тоа поле единствено располагам со енциклопедиска поткованост, рамна на седмоодделенец, кој семинарската си ја копира од Википедија. Но, решив и јас да се потковам со знаење на оваа тема, испровоциран од дебатата во јавноста дека, и покрај тоа што на сила се здравствените мерки за заштита од ширењето на заразата од ковид-19, од Македонската православна црква (МПЦ) се одлучни за Велигден причеста на верниците повторно да ја извршуваат со едно лажиче.

И, како што налага редот на „седмоодделенската мудрост“, прво на Гугл го пребарав зборот „причест“ по што добив линк, кој ме одведе на Википедија. Таму некој се потрудил да напише навистина обемен текст за светите тајни, кои се вкупно седум на број, а за причеста да каже дека со оваа света тајна, со лебот и со виното го примаме вистинското тело и вистинската крв на господ Исус Христос. Ова е поткрепено со извадок од Библијата, каде што е цитиран самиот Исус: „А кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го искрши и им даде на учениците со зборовите: земете, јадете, ова е телото мое. Тогаш ја зеде чашата и се заблагодари, им даде и им порача: пијте од неа сите, бидејќи тоа е крвта моја, која се пролива за многумина поради простувањето на гревовите“ (Матеј 26; 26-28).

На Википедија ќе најдете и дека верниците светата причест може да ја примат доколку претходно постеле. А оваа постапка е пожелно да ја прават почесто, иако е практика тоа да се прави четирипати годишно. Напишани се поголем број детали – секој од нас може лесно да ги најде – но воопшто не се споменува обичајот церемонијата да се изведува со едно сребрено лажиче, од кое сите присутни верници во определена црква се причестуваат.

Продолжив да пребарувам по интернетот со цел да дознаам зошто се инсистира на едно лажиче и најмногу ми се допадна коментарот на еден свештеник од Црна Гора, кој вели дека тоа е едноставно така, бидејќи станува збор за многу стара традиција. Сличен е и коментарот на МПЦ, од каде што посочија дека традицијата долга 10 века е причеста да се дава со една иста лажичка, а така ќе биде и в недела, на најголемиот христијански празник Велигден.

Десет века, односно 1.000 години причеста се служи со едно исто лажиче! Ми беше тешко повторно да пребарувам на Википедија колку епидемии ги нападнале православните земји во последниот милениум за да ви предочам колку пати досега верата и догмата ѝ го „вртеле другиот образ“ на заразата. Од памет ќе кажам дека најмалку десетпати во овие десет века од болештини умирале луѓе како покосени, но древната традиција не се менувала. И мое мислење е дека тоа не треба да се промени ниту сега, иако е во спротивност со епидемиолошките мерки и со здравиот разум. Верата и догмата одат рака под рака со традицијата и тука никакви предупредувања не помагаат. Верниците ќе се причестат за Велигден, како што тоа го прават секоја година, со едно исто лажиче.

Единствената работа што не ми се допадна, во мојата потрага по светите тајни, беше изјавата што ја даде владиката Тимотеј од МПЦ, а се однесува на истата дилема околу лажичката. „Причеста со една лажичка е на слободната волја на секој верник. Тој што е болен и се плаши дека ќе се разболи да не се причестува, а тие што сакаат да се причестат тоа да го сторат, вели владиката Тимотеј, кој воедно е и портпарол на МПЦ. Дополни дека тој лично не чувствува страв од причестувањето.

Тимотеј требаше да биде фер докрај и да им каже на верниците дека, за разлика од владиците, кои ги видовме дека од ковид-19 се лекуваат по скапите приватни клиники, тие во најголем дел ќе му бидат препуштени на јавното здравство. А таму нема никакви тајни. Таму може да нема слободен кревет, респиратор, лекар на располагање или здрава медицинска сестра, но тајни нема.

Почитувани верници, од срце ви го честитам Велигден и ако навистина мора, тогаш примете ја тајната причест со едно лажиче. Толку е коментарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот