Срѓан Ивановиќ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Ако бевме Словенци, ќе ни снемаше министри

Паѓаа и хеликоптери во Македонија, притвореник сам се удави во кофа со вода, а едно лице од особен интерес на обвинителството се „самоуби“ со два истрела од пиштол во срцето. Никој не ги пребројал жртвите по семафорите и пешачките премини, како и лекарските грешки по болниците. Што требаше Словенците да прават во овие ситуации? Цела држава да си поднесе оставка?

Не, не можам да ја сфатам фасцинацијата со Словенија што деновиве се манифестира на социјалните мрежи кај нас. Многумина од луѓето што се логирани на Фејсбук, од минута во минута воодушевено спамираат за тоа дека двајца министри од Владата на Словенија си поднеле оставки, а премиерот им ги прифатил.

Причината, барем за наши искуства е никаква. Имало таму во Ново Место некакво убиство, односно група неранимајковци малтретирале некој тинејџер, дошол татко му да го спаси и овие го претепале таткото, при што му нанеле смртни последици. И зошто министрите за правда и за внатрешни работи поднеле оставка? За едно убиство? А што премиер ќе беше, па да им ги прифати оставки, поднесени од, внимавајте, морални причини!?

Еве нема две недели како еден кандидат за советничката листа во Виница, чинам, беше претепан од лице што се наоѓаше на истата листа во пресрет на локалните избори во Македонија. Претепаниот беше неколку денови во кома, за среќа преживеа, ама никој не поднесе оставка. Зошто и би ја поднел? Па само неколку месеци претходно во соседното Кочани се случи пожарот во дискотеката „Пулс“ во која 64 претежно млади лица го загубија животот. И кој поднесе оставка? Добро, градоначалникот даде оставка на функцијата, а потоа и се најде на листата на осомничените за трагедијата, но ниту еден министер не рече – еве јас чувствувам морална одговорност. Па се разбира дека никој не чувствува.

А ви текнува на двојното убиство што ја згрози Македонија? Кога бандата на оној Љупчо Палевски Палчо прво киднапираше, а потоа и ладнокрвно егзекутираше девојче и старец? И кој тогаш поднесе оставка? Многу нормално – никој.

Ако одите по аналите на новинарството во независна Македонија и баш ако запнете да пребарувате, ќе пронајдете податок дека извесен Антони Пешев, во 1994 година си поднел неотповиклива оставка на функцијата министер за транспорт и врски. Оваа оставка дојде по двете авионски несреќи во кои загинаа навистина голем број луѓе.

Во аналите ќе пронајдете и дека оставки се понудени и од Миле Јанакиески и од Венко Филипче. Првиот беше министер за транспорт и врски во моментот кога во Охридското Езеро потона брод, што беше кобно за 15 туристи од Бугарија. Вториот беше министер за здравство и баш во неговиот мандат се случи пожарот во модуларната болница во Тетово, кога загинаа 14 лица. Но, премиерите Никола Груевски и Зоран Заев не им ги прифатија оставките и тие продолжија да си министеруваат.

Интересно, никој не поднесе оставка од морални причини за случајот „Монструм“, кога пет лица, од кои четири деца, беа свирепо убиени кај Смилковско Езеро во непосредна близина на Скопје. Вистина, оставки имаше по мини-војната во кумановско Диво Насеље, ама тие беа изнудени, бидејќи Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков прво беа на „прием“ во Американската амбасада во Скопје, па дури потоа го открија моралот.

Паѓаа и хеликоптери во Македонија, притвореник сам се удави во кофа со вода, а едно лице од особен интерес на обвинителството се „самоуби“ со два истрела од пиштол во срцето. Никој не ги пребројал жртвите по семафорите и пешачките премини, како и лекарските грешки по болниците. Што требаше Словенците да прават во овие ситуации? Цела држава да си поднесе оставка?

Добро, време е да престанам со сарказмот и да констатирам дека доколку од морални причини кај нас се поднесува оставка на секоја тепачка, трагедија или убиство, нам ќе ни снема луѓе за министри. Македонија е мала држава и математички нема да може тоа да го поднесе. Точно е и дека и Словенија е мала, ама навистина не може да ми текне на ниту еден аргумент зошто работите кај нив се поинакви. Дали навистина се тие до толку нежни, а ние до толку сурови? Не знам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот