Ахмети се фати за „метлата“, ќе се сменат шефовите на 11 ограноци

Али Ахмети
Али Ахмети, лидер на ДУИ/ Фото: Фејсбук

Некои извори ги толкуваат овие внатрешни реформи во ДУИ како сигнал дека Али Ахмети може да се повлече од политиката во 2023 година.

Најголемата албанска владејачка партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), го започна реформскиот процес. Со првата фаза, како што дознава „Слободен печат“ од сигурни партиски извори, ќе бидат опфатени единаесет ограноци во Полошкиот и во Скопскиот регион.

– Формирањето на изборните комисии во ограноците е во тек од централната партиска изборна комисија на чело со Ејуп Рустеми. Потоа ќе се ажурира членството и ќе започне изборниот процес во ограноците – велат партиски извори.

Во првата фаза од партиските реформи ќе бидат опфатени ограноците на Тетово, Гостивар, Теарце, Желино, Јегуновце, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Чаир, Студеничани и во Сарај.

Според партиски извори, во реформскиот процес на партијата е вклучен и потпретседателот на партијата Изет Меџити, кој неколкупати јавно изрази незадоволство од партиските одлуки поради кадровската политика на партијата и непочитувањето на волјата на членовите.

– По минатогодишните локални избори, иако имавме солиден резултат, добро е да се размислува и да се направат реформи. Не само во овие 11 општини, туку и во другите ограноци ќе има освежување, ова е прва фаза од реформата. Партијата е отворена и за нови лица, кои ќе донесат уште подобри резултати на следните избори – вели нашиот извор.

ДУИ го одржа последниот партиски конгрес, односно четвртиот, во декември 2019 година, додека следниот се очекува да се одржи во декември 2023 година. Некои извори ги толкуваат овие внатрешни реформи во ДУИ како сигнал дека Али Ахмети може да се повлече од политиката во 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот