Седиштето на ДУИ во Мала Речица, тетовско / фото: МИА

Ахмети на претстоjниот Конгрес ќе расчисти со военото крило на Хазби Лика

По четвртиот конгрес на ДУИ најверојатно ќе се раздвојат патиштата на поранешните команданти на ОНА, Али Ахмети и Хазби Лика. Партискиот лидер Ахмети веќе одлучил да го пушти „низ вода“ предводникот на военото крило и претседателот на тетовскиот огранок на ДУИ Хазби Лика.

Партиски извори за „Слободен печат“ велат дека Ахмети сакал да расчисти со нетрпеливоста меѓу Лика и Муса Џафери кој во партијата важи за сива еминенција. Освен ваквите измени нашите извори брифираат дека високиот партиски функционери Артан Груби ќе биде новиот генерален секретар на ДУИ кој ќе дојде на местото на сегашниот Атила Реџепи, кој беше избран минатата година ова време на Централното собрание на ДУИ. На истот состанок Груби беше избран за организацонен секретар. На Лика наводно ќе му биде понудена партиска функција, која нема да биде соодветна на неговата досегашна улога во партијата. Се очекува тој да ја одбие ваквата понуда и на тој начин да биде „тргнат“ од партијата.

Лика беше командант во Тетовско на 112. Бригада на ОНА, за време на конфликтот во 2001 година и е едно од имињата од ОНА што најмногу се споменуваа дека стојат зад масакрот на македонските безбедносни сили во Вејце. Беше градоначалник на Тетово од 2005 до 2009 година, беше и пратеник од 2014 до 2016 г. Во 2017 станува вицепремиер за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој не доаѓаше на работа.

Ваквиот избор Ахмети го прави поради повеќегодишната нетрпеливост кои ја имаат неформалниот кадровик, без функции но со големо влијание во партијата, Муса Џафери и теренецот Хазби Лика. Битката на овие двајца високи партиски функционери е за тоа кој да има поголемо партиско влијание. На Ахмети му било најбитно дека еднаш за секогаш ќе се „откачи“ од Хазби Лика, но и од Рафиз Алити кој е дел од тоа крило.

Градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари кој исто така е дел од военото крило на ДУИ во последен момент успеал да го предомисли Ахмети и да се спаси од смена.

Ваквите партиски превирања велат нашите извори е поради паднатиот рејтинг на партијата. Но потврдуваат дека во моментов партијата на Ахмети е поблиска со ВМРО-ДПМНЕ. Остануваат на ставот дека на предвремените парламентарни избдори ќе настапат сами и нема да има предизборни коалиции со партија од македонскиот политички блок. Со повикот до албанската опозицијата за обединување, велат нашите извори ДУИ сака да покаже дека не се плаши од никого, а најмалку од Алијансата за Албанците и БЕСА.

По седницата на централното претседателство што се одржа завчера во тетовска Мала Речица, Артан Груби рече:

– ДУИ е најголемата албанска политичка партија и на овие избори ќе настапи самостојно, без коалиции ниту со македонските, ниту со албанските партии. Напротив, ги повикуваме албнските партии во опозицијата да се соединат, да не изгубат Албанците гласови и потенцијал од пратеници во Собранието во нашата државата. Се надеваме дека ќе успеат да се обединат, за да не изгубат Албанците. Во секој случај, тука е ДУИ која ќе ги добие изборите и сметам дека ќе ги претставуваме така како што сме ги претставувале Албанците во изминатите 17 години, на најдостоинствен начин – рече Груби.

На Конгресот Ахмети ќе биде избран повторно за претседател на Интегративците. За неговиот избор треба да се изјаснат околу 400 делегати. Нашите извори велат дека за првпат се случува да завршат внатрешнопартиските избори без инциденти.

Освен оној во Гостивар кога роднина на кандидатот за претседател на огранокот му се заканил на високиот партиски функционер, поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, кој е потпретседател на ДУИ и се обидува да си ја зачува партиската функција. Потпретседателска функција посакувал и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Нашите извори посочуваат дека тоа ќе биде тешко изводливо поради тоа што покрај актуелнито потпретседател Изет Меџити, Артан Груби тој ќе биде третиот висок партиски функционер од скопски Чаир. Посочуваат дека меѓу Османи и Меџити имало нетрпеливост.

На 4. партиски конгрес кој ќе се одржи на 21 декември во сабота во Скопје се очекува да има три нови статутарни промени и програмски документи. Трите нови тела се Национален совет, партиска изборна комисија која ќе работи за избор во сите органи на партијата а предвидено е да има и постојан конгрес кој ќе го претставуваат една третина од членовите делегирани од ограноци кои ќе работат до секој нов конгрес и по конгресот.

Првиот конгрес ДУИ го одржа на 19 ноември, 2005 година во Тетово. Вториот на 19 ноември 2009 година во Скопје, третиот во 2014 година во Тетово. ДУИ одржа и еден тематски вонреден конгрес под мототот „Заедно“, во 2015 во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот