Агенција за филм: Објавени се резултатите од конкурсите за поддршка на филмски и фестивалски проекти

Резултатите од конкурсот на Агенцијата за филм за поддршка на филмски проекти објавен во август минатата година, кој беше пролонгиран поради тоа што Агенцијата немаше прв човек, беа објавени на прес-конференција што се одржа на 26 март. На конкурсот аплицирале 51 проект, од кои 33 за долгометражни (играни, документарни и анимирани) и 18 краткометражни (играни, документарни и анимирани) филмови.

Поддршка за реализација на мнозински долгометражни филмови добија режисерот Ѓорги Унковски за проектот „Диџеј Ахмет“ во продукција на „Футура синема“ и Марко Ѓоковиќ за „Потстанар“, во продукција на „Сектор филм“. Ќе се снимаат и девет краткометражни играни филмови и три документарни филмови со македонски мнозински удел, а поддржано е учество и во три малцински проекти. Вкупниот буџет за реализација на овие проекти изнесува 75.700.000,00 денари.

– Агенцијата за филм на РСМ ја продолжува стратегијата за поддршка на млади автори чии проекти имаат потенцијал за успешна промоција на фестивалите. Двата долгометражни филмови се разликуваат жанровски и се надеваме дека авторите ќе покажат препознатлив режисерски јазик – рече директорот Бојан Лазаревски на прес-конференцијата.

На истата конференција беа објавени и резултатите од конкурсот за поддршка на домашните филмски фестивали, а ќе бидат поддржани 20 фестивали, меѓу кои се: ИФФК „Браќа Манаки“, „ЕХО – Фестивал на планински филм“, „Синедејс“, „ОДА Тетова интернејшенал филм фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“, 47. Државен фестивал на непрофесионален филм, „Џифони Македонија“, „Македокс“, „Златно тркало“ и други.

Комплетните резултати од конкурсот за финансирање филмски проекти по Конкурсот од 2020 – втор рок на одлучување, како и резултатите од конкурсот на фестивали/манифестации за финансирање во 2021 година се објавени на веб-страницата на Агенцијата за филм. Со крајот на март заврши рокот за аплицирање на мартовскиот конкурс за поддршка на проекти за 2021 година.

Препорака на Агенцијата за филм до филмските продуценти и организаторите на фестивалите е за време на снимањето и за време на одржувањето на филмските фестивали максимално да се почитуваат протоколите за заштита од коронавирусот, затоа што здравјето на граѓаните, на филмските работници и на учесниците во проектите треба да биде ставено во прв план.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 75, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот