Африм Гаши од „Вреди“ ќе биде претседател на Собранието

Африм Гаши - претседател на Алтернатива / Фото: „Слободен печат“

Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски ќе биде дел од владата на идниот мандатар Христијан Мицкоски само ако нивната платформа стане дел од владината програма зашто станува збор за идентитетско и идеолошко прашање за партијата. Во спротивно, како што вели за „Слободен печат“ висок функционер на ЗНАМ, ќе останат во опозиција.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ ги договорија првиот и вториот владин ешалон, а лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, на утрешната конститутивна собраниска седница ќе биде предложен за нов претседател на Собранието, брифираат за „Слободен печат“ извори од албанскиот политички блок. Според нашите информации, планот на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“ е Гаши утре да биде избран за претседател на Собранието иако конститутивната седница според собранискиот Деловник, може да трае три дена.

Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, пак, ќе биде дел од владата на идниот мандатар Христијан Мицкоски само ако нивната платформа стане дел од владината програма зашто станува збор за идентитетско и идеолошко прашање за партијата. Во спротивно, како што вели за „Слободен печат“ висок функционер на ЗНАМ, ќе останат во опозиција. Од таму додаваат дека разговорите со ВМРО-ДПМНЕ се конструктивни и дека се на добар пат за договор и тврдат дека сè уште не разговарале за распределба на ресори.

„Вреди“, неофицијално, ќе раководи со министерствата за здравство, труд и социјална политика, економија, евроинтеграции и животна средина. Министер за животна средина наводно ќе биде лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, кој воедно ќе биде и вицепремиер. Министер за здравство се очекува да биде лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Според извори од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, веќе е договорено веднаш по конститутивната собраниска седница меѓу првите закони кои ќе бидат предложени да биде измена на Изборниот законик. Целта е да нема предвремени избори за избор на градоначалник во случај ако тој е избран за пратеник или, пак, биде избран за министер. Така Арбен Таравари и Тимчо Муцунски може веднаш да бидат избрани за министри за здравство, односно за одбрана, а на нивно место да се избере вршител на должност градоначалник на Гостивар, односно на Аеродром. Ако ова е договорено, тогаш и градоначалникот на Сарај од ДУИ Блерим Беџети може да стане пратеник. Со ова партиите што имаат актуелни градоначалници нема да ги изгубат општините при предвремени избори за градоначалник.

Со измените на Изборниот законик ќе се реализира и еден од главните принципи на кој инсистирал идниот мандатар Мицкоски во преговорите со „Вреди“ – лидерите на партиите да бидат дел од министерскиот тим предводен од него, за тие лично да ја преземат одговорноста за владеењето, како и за поефикасна комуникација на премиерот со владините партнери.
„Вреди“ во распределбата на колачот, според неофицијалните информации, добива четири заменици министри и тоа во ресорите МВР, одбрана, земјоделие и образование.

ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи со министерствата за внатрешни работи, финансии, транспорт и врски, образование, култура, за надворешни работи, за земјоделство, локална самоуправа, за одбрана и за енергетика. Од преговорите со ЗНАМ ќе биде појасно дали ресорите правда и новото за администрација ќе одат кај партијата на Димитриевски, додека со министерството за политички систем ќе раководи коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ од помалите заедници.

Очекувањата се договорот за владино партнерство Мицкоски да го обелодени откако ќе биде јасно дали е постигнат договор за влез во владата на партијата на Димитриевски. Претходно договорите за владино партнерство ќе треба да добијат виза во секоја од партиите што ќе бидат дел од извршната власт.

Актуелниот претседател на Собранието, Јован Митрески, за утре ја закажа конститутивната седница на Собранието, а со неа ќе претседава највозрасниот пратеник, во случајов пратеничката Мерита Колчи Коџаџику од коалицијата „Вреди“. Верификациската комисија треба да ги верифицира мандатите на новите пратеници. За извештајот на Верификациската комисија се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето по извештајот се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24 часот.
И за избор на претседател на Собранието се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на претседател на Собранието се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24 часот. Кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници. Според наши информации, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ најверојатно кандидатот за претседател Гаши ќе го предложат со потписи на 20 пратеници, за тој да биде единствен предлог за претседател на Собранието.

Како до мнозинство од 80 пратеници

По изборите на 8 мај во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ исто така има 18 пратеници, коалицијата „Вреди“ 14, а Левица и ЗНАМ имаат по шест.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неколку претходни изјави рече дека веќе обезбедиле апсолутно мнозинство односно 61 пратеник и дека целта е да обезбедат двотретинско мнозинство односно 80 пратеници. Ако Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски кое има 6 мандати стане дел од владината коалиција, плус 58 на ВМРО-ДПМНЕ и тројцата пратеници што веќе ги најави Мицкоски и 14 на „Вреди“, владејачкото мнозинство ќе брои 80 пратеници.

 

Лидерите да не го преседат мандатот во Собрание, да преземат одговорност

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот