Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на Сатибалди Буршаков – новоименуваниот амбасадор на Казахстан

Фото: Кабинет на Сиљановска Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова ги нагласи македонскиот интерес и подготвеноста за натамошно севкупно унапредување и развој на односите и соработката со Казахстан во сите домени од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во таа насока, Претседателката изрази надеж дека амбасадорот Буршаков во рамки на својот иден ангажман ќе придонесе кон нивно севкупно зајакнување внесувајќи притоа и нови содржини и форми преку поинтензивен политички дијалог и зајакната економска соработка.

Амбасадорот Сатибалди Буршаков во своето обраќање истакна дека од воспоставувањето на дипломатските односи, казахстанско-македонската соработка забрзано напредува врз основа на взаемните врски на пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички вредности. Амбасадорот додаде дека е почестен што е првиот резидентен казахстански амбасадор во Скопје истакнувајќи ја непоколебливата посветеност на неговата земја за јакнење на политичкото, трговското и инвестициското партнерство, како и продлабочување на културните врски во интерес на двата народа.

Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваниот амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот