АФП: Бугарија и Северна Македонија се борат за селани во Албанија

Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Пописот во Албанија отвори нов фронт во долготрајниот спор меѓу балканските соседи Бугарија и Северна Македонија. Двете држави тврдат дека се` помалото македонско малцинство во Албанија е нивно, пишува АФП во репортажата посветена на Пустец, село во Мала Преспа, населено со македонско малцинство.

Тргнувањето на војната за идентитетот е нешто како нерамноправна борба, велат локалните жители, со тоа што оние кои ќе се одлучат да станат Бугари, имаат шанса да добијат ценет пасош на ЕУ.

Софија и Скопје со децении се караат околу јазикот, идентитетот и историјата.

Бугарија го блокираше патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ, а во исто време им дава пасоши на околу 90.000 Македонци, според податоците на ЕУ – приближно еден од 20 од населението – откако таа се приклучи на блокот во 2007 година.

Најновиот спор е насочен кон  група на села од македонско говорно подрачје кои изумираат, а се лоцирани во едно од најубавите краишта на југоисточна Албанија на брегот на Преспанското Езеро, покрај границата со Грција и Северна Македонија.

На претежно празните улици во Пустец, табли се испишани и на албански и на македонски јазик. Но, многу домови и згради се напуштени, со испукани ѕидови, излупена боја и скршени прозорци.

Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Како и поголемиот дел од рурална Албанија, младите заминаа да бараат подобар живот, а локалните жители велат дека населението опаднало од 3.300 во 2011 година на само 1.200.

„Овде е како пустина, нема млади… селата се празни“, вели 65-годишниот Ефтим Митровски, кој работи во локален весник на македонски јазик. „Остануваат само старите и болните.

Пред пописот во Албанија кон крајот на минатата година, дел од нејзината мала македонска заедница рече дека биле под зголемен притисок да се идентификуваат како Бугари, обвинение кое Софија цврсто го отфрли.

„Можноста да се добие европски пасош силно се одрази на македонската заедница“, рече Васил Стерјовски, од партијата Македонска алијанса за европска интеграција, која ги претставува голем дел од Македонците во Албанија.

Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Со пописните резултати кои треба да се појават во следните неколку месеци, директорот на основното училиште во Пустец, Трајан Ванѓеловски, се пожали дека „тоа стана бојно поле за меѓуетнички конфликти меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

Како и поголемиот дел од Балканот, историјата на областа е сложена. Од 1912 до 1945 година, Албанија своите жители ги сметала за Бугари.

Но, по крајот на Втората светска војна и раѓањето на македонската република во рамките на Југославија, Албанија ги класифицираше како Македонци, според експертот за меѓународни односи од Тирана, Арди Бидо.

Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Меѓутоа, работите се сменија во 2017 година кога Албанија почна да го признава етничкото бугарско малцинство.

Скопје со децении „го негираше постоењето на бугарска заедница не само во Северна Македонија, туку и во Албанија“, изјавија за АФП од бугарската амбасада во Албанија.

„Во минатото тие (албанските Бугари) ја немаа оваа можност и за многумина беше логичен избор да се декларираат како Македонци, со оглед на заедничката културна и историска заднина“, се додава во соопштението.

Нивната одлука мора да се почитува, тврдат од амбасадата.

„Јас сум државјанин на Албанија, но моето потекло е бугарско“, рече Хаџи Пируши, кој работи за непрофитна организација со седиште во Тирана која го поддржува бугарското малцинство.

„Зборуваме бугарски… Пееме на бугарски. Плачеме на бугарски“, додаде тој, велејќи дека „за прв пат имаме право отворено да го кажеме своето потекло“.

Пируши негираше дека има принуда од Бугарија и наместо тоа го критикуваше „притисокот од Северна Македонија“.

„Надвор од двосмисленоста на идентитетот, постои и втор фактор – лажните изјави“, рече аналитичарот Бидо.

Некои луѓе можеби се идентификуваат како Македонци, но официјално се декларираат како Бугари за да добијат пасош на ЕУ, рече тој.

Во изминатите четири години, речиси 4.000 албански државјани добиле бугарски патни исправи, соопшти бугарското Министерство за правда.

Назад во Пустец, прашањето продолжува да сее раздор.

„Луѓето се загрижени, збунети и дезориентирани“, вели училишниот администратор Ванѓеловски.

„Тие веќе не знаат дали треба да се чувствуваат како Бугари или Македонци“.

Прочитај повеќе на темата:

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Стерјовски: Бугарското малцинство во Албанија постои само во закон, бугарските пасоши се бизнис, повеќе ги купуваат Албанци отколку Македонци
ВИДЕО РЕПОРТАЖА: Македонците од Мала Преспа се иселуваат, условите за живот се подобруваат, но се далеку од одлични
Ќе одолеат ли Горанците на Косово на притисоците од Бугарија, анализа на Еуроњуз за обидот за асимилација за горанската заедница
Стерјовски: Битката со Бугарија која претендира Македонците во Албанија да ги прикаже како Бугари е стара 150 години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот