ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Стерјовски: Бугарското малцинство во Албанија постои само во закон, бугарските пасоши се бизнис, повеќе ги купуваат Албанци отколку Македонци

Васил Стерјов / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Васил Стерјовски е поранешен пратеник во aлбанското собрание како претставник од единствената македонска партија во Албанија, Македонска Алијанса за европска интеграција. Тој за „Слободен печат“ зборува за обидите за бугаризација на македонското малцинство во Албанија како и за стратегиите на Бугарија со која ја принуди Албанија уште во 2017 година со Законот за национални малцинства да го признае непостоечкото бугарско малцинство со закана со вето за ЕУ.

-Ние не сме против уживањето на правата на ниту едно национално малцинство, но нашата реакција е дека тука не се работи за дискиминирани Бугари, туку за проект за асимилација на македонското население, вели Стерјовски и додава дека целата кампања на Бугарија е насочена во делот кадешто се Македонците за да покаже дека се Бугари.

Тој се осврна на Законот за национални малцинства кој Албанија го усвои кон крајот на 2017 година во која покрај македонското малцинство, во законската рамка Албанија ги заштити и правата на Грците, Власите, Ромите, Египѓаните, Црногорците, Бошњаците и Србите.

-Бугарија користејќи го членството во ЕУ со притисок во 2018 година без ниту еден историски факт, без никакви услови за признавање на такво малцинство успеа да издејствува албанското МНР кое во тој период предложи предлог законот за заштита на правата на малцинствата со признавање на 8 малцинства, да го вклучи и бугарското иако такво малцинство немаше. Претходно во 2014 година едно од барањата на ЕУ за Албанија беше да донесе закон за заштита на правата на малцинствата, односно законска рамка во која ќе ги уживаат своите права. Во 2014 година премиерот Еди Рама покрена меѓуинституционална група во која беа вклучени повеќе министерства, а процесот го водеше МНР и имаше директни консултации со нас како припадници на национално малцинство но во ниту еден момент немаше бугарско малцинство и претставници. И затоа и се предложи таков закон и не повикаат дури и нас малцинствата во парламентот да кажеме наше мислење за законот пред законодавната комисија и пратениците од комисијата за надворешни работи дали се согласуваме со предложениот предлог закон. Тогаш се вклучи алармот во Софија и требаше за недела дена да се гласа, па побараа да се признае такво малцинство и јас директно, како претставник на Македонците ја покренав оваа загриженост и укажав дека Бугарија се обидува со притисок да издејствува признавање на малцинство и тој потег од друга страна ќе значи геноцид врз Македонците во Албанија, вели Стерјовски.

Протисокот кој Албанија кој го доживеа од Бугарија е сличен на оној со кој е условена и Македонија – да го внесе бугарското малцинство во македонскиот устав доколку сака да го почне интегративниот процес во ЕУ, но Албанија без многу дискусии ја прифатила сугестијата од Софија за правна заштита на бугарско малцинство.

-Познавајќи ја бугарската политика и членството во ЕУ ќе го искористи, по што следна фаза е негација на македонското малцинство. На јавна седница, министерот за надворешни работи јавно ме поддржа и кажа дека такво малцинство нема и рече дека во иднина ако се појави, ние сме спремни да признаеме кое било малцинство, но сега овие 8 се реални малцинства коишто постојат во државата според сите историски факти, според сите пописи спроведени во Албанија и според сите извештаи што албанската држава ги дала за сите меѓународни мониторинг организации коишто ја мониторираат Албанија. И така под пристисок, два дена пред да се изгласа на седница на Парламент, Бојко Борисов му се јави на премиерот Еди Рама, се вклучија европратениците од Бугарија, се вклучи претседателката на бугарското собрание и отворено се заканија или ќе го признаете бугарското малцинство или имате вето. И така Албанија воопшто не сакаше да влегува во овој спор, да кажеме македонско -бугарски спор и ние контактиравме тогаш со албанските власти и со македонските власти и откако се призна еден одговор на албансктие власти за македонските власти беше дека не притиснаа Бугарите, ќе ни ставеа вето и на крај на краиштата, тоа е ваш проблем, расправајте се вие, што ние да му ја мислиме, објаснува Стерјовски.

Последните години поради тешката економска ситуација воопшто во Албанија, принуди и албански граѓани да посегнат по бугарски пасоши, но Стерјовски уверува дека нивниот број меѓу македонското население во Албанија е многу мал. Албанското население претходно од економски причини посегнувало и по грчки документи. Вели последните години самите Албанци ја менувале својата вера, своите имиња во матично за да можат да извадат туристичка виза за да работат во Грција.

-Досега ви гарантирам најодговорно дека од не знам колку илјади албански граѓани што имаат бугарски пасоши, мнозинството се Албанци, значи не се Македонци. Тоа е еден огромен бизнис кој трае изминатите години посебно кога Бугарија стана членка на ЕУ. Порано немаше никаков интерес и никој албански граѓанин немал аплицирано, не му требал таков пасош. Откога почна Бугарија со ова, ова е навистина голем бизнис, посебно што лицата што се занимаваат со тоа се поврзани со бугарски функционери, вели Стерјовски и додава дека корумпираните бугарски функционери кои профитираа од продажбата на бугарски пасоши своевремено се најдоа и на црната листа на Стејт Департментот на САД.

Запрашан колку бугарските пасоши се атрактивни за македонското малцинство во Албанија, Стерјовски нагласува дека целата операција крие поголема опасност која ја менува демографската слика во земјата, зошто пасошите албанските граѓани ги користат за иселување во потрага по подобар живот.

-Тоа што се обидуват сега да го направат, овој тренд во последниве години, почнувајќи посебно кај нас Македонците е поради економски причини. Тоа што прават прават Македонците како и сите албански граѓани, аплицираат за бугарски пасош за да може утре да оди и да ги користи привилегиите на Европската унија. Прво тоа е демографски проблем, кој успеал да земе, било Македонец или Албанец, бугарски пасош, ќе емигрира со целото семејство. Е сега ако ние навистина бевме Бугари и ако Бугарија водеше грижа за нас како Бугари, нивен интерес ќе беше ние да не се иселуваме од нашите краишта, како што е интерес на секоја држава своите малцинства во другите држави да останат и да не се иселуваат од таа држава. Но на Бугарија тоа не и е многу битно. Бугарија веќе има друга стратегија. Од една страна Бугарија успеа, а тоа сега е нивни голем проблем, успеа со притисок да признае бугарско малцинство коешто го нема во регистристите во државата. Ако сега од албанската држава барате информација каде има бугарско малцинство по попис, по факти, нема да ви каже. Само е наведено во законот дека постои. Тоа што сега бугарската дипломатија го користи, доаѓа бугарските амбасадор во нашите региони со градоначалниците и ни вели дека сега Албанија ве призна како Бугари,  ајде сега да отвориме бугарски школи, што е лага бидејќи Албанија призна малцинство но не вели дека ние сме Бугари, тврди Стерјовски.

Бугарските пасоши поскапи за Албанците отколку за Македонците

Стерјовски открива дека албанските граѓани плаќаат илјадници евра за бугарски пасош, а македонското малцинство помала „тарифа“, но документот е условен и тие што ќе го земат мора на пописот да се декларираат како бугарско малцинство во Албанија што претставува грубо мешање во внатрешните работи на соседната земја и таквата бугарска стратегија засега се пласира само во Албанија зошто таму реално такво малцинство не постои.

-Во последните години затоа притисокот е уште поголем од Бугарија затоа што користејќи го од една страна давањето на бугарски пасоши кои, да се разбереме не се бесплатни, туку како што кажав се голем бизнис и сега тоа што збориме, кој Македонец  како ќе се снајде. Неколку илјади евра за еден пасош се плаќа кај Македонци, кај Албанците стига до 20-25.000 евра за купување пасош. Од една страна ги земаат парите, а од друга страна, за Албанија сменија стратегија иако во бизнисот со бугарски пасоши се и Македонија, Србија,  Косово, Молдавија и Украина. До пред 2 години нашите албански граѓани одеа во Софија за да аплицираат за бугарски пасош. Тоа што се направи само за Албанија, ова е исклучок, па сега ги викаат во бугарската амбасада во Тирана да аплицираат и ми кажуваат овие нашите што аплицираат дека им викале да се запишат Бугари на пописот за да земат пасош, а тоа е дирекно мешање во внатрешните работи на земјата. Сум разговарал и со други амасади на други европски држави и викаат дека ова е директно мешање во внатрешните работи и ги поминува ингеренциите на една амбасада зошто тие немаат право да се мешаат и со давање привилегии да издејствуваат граѓани на друга држава да се декларираат како што тие сакаат. Но Албанија навистина има оставено отворен простор на бугарската пропаганда. Тоа навистина е грубо мешање и затоа се овие наши реакции, затоа што Бугарија се обидува, сега пред пописот во септември, дури има инсталирано и свои луѓе во разни институции во Албанија, било Албанци, било Македонци, било Власи или други малцинства кои се директно на нивни платен список, за нас да не4 саботира, потенцира Стерјовски.

Васил Стерјов / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Тој појаснува дека ваквата бугарска стратегија во Албанија е дел од поголема шема, чија цел е негирање на постоењето на македонската нација.

-Ние веќе се наоѓаме пред саботирање на нашите активности кај Македонците и сакаат ги мапираат териториите кадешто што живеат Македонците:  Преспа, Голо Брдо, Гора и по нивната стратегија да тврдат дека нема македонска нација штом од сите страни се заобиколени со Бугари. Истиот процес сега го прават и во Косово. Во Гора на истиот начин се обидуваат да го притиснат Косово да признае непостоечко бугарско малцинство. И затоа се овие наши реакции и навистина работава е сериозна. Ние пред се бараме албанската држава да не заштити од овие методи кои се директно мешање во внатрешните работи. Факт е дека за овој проблем јас имам зборувано на говорница во албанскиот парламент, но нема никаков демант од бугарска страна за овие наши обвинувања за тоа што го прават. Да бидеме реални, овие се напори за негација на македонската нација, не е само за нас Македонците од Албанија. Битни сме им ние како инструмент за докусурување на Македонија. Ова е процес кој трае 150 години, но сега најголем е притисокот тука затоа што ние сме најслаби, нема кој да не заштити. Албанските институции стојат на страна, вели Стерјовски.

Сериозно загрозени Македонците во Гора и Голо Брдо во Албанија

Според зборовите на Васил Стерјовски на целата територија на Албанија живеат над 120.000 Македонци, не само во официјалните области Мала Преспа, Голо Брдо и областа Гора на северот од Албанија во реонот на Кукс, но дел од нив посебно оние кои живеат во Тирана и во другите поголеми албански градови веќе се асимилирани.

-Над 120.000 Македонци има на цела територија на Албанија. Секако процесот на асимилација си го има направено своето, посебно во градовите каде нема можности. Тука во Преспа, Голо Брдо, Гора не може да не асимилираат, затоа што сите се Македонци, македонски се зборува дома, албанскиот јазик почнуваме да го владееме од 7 години, но во другите градови генерациски се губи македонскиот јазик. Тоа е најголемата закана. Добар дел од Македонците се асимилирани. Тоа го направи режимот на Енвер Хоџа кој беше еден од најдиктаторските режими во светот, тогаш леташе глава за еден збор, а не за националност. За жал таа беше политика на Албанија. Сепак ние сме благодарни на Албанија што го призна македонското малцинство во 1945 година. Во реонот на Мала Преспа имаме 72 години континуирано изучување на македонскиот јазик во образовниот процес но таа политика е друга со македонците во Гора и Голо Мала Преспа и Гора. За жал и ден денес продолжува таа стратегија. Албанија кога збори за Македонци мисли само на Пустец. Ние повеќе Македоници дури и од Пустец имаме во внатрешноста на Албанија. Раштркани сме во 12 окрузи, сегде не има. Во Тирана се најмногу, Елбасан има голема концентрација, Драч, Корча, во цела Албанија. Посебно во 90-тите години, во тие градски центри посебно гравитираат зошто таму отишле за подобри економски услови. Но наше е да се бориме. Најглавна закана сега во моментов е бугарската закана, бугарската пропаганда и тоа што не иритира е пасивноста на албанската држава. Да бидеме реални, албанската држава не секогаш била благонаклонета кон македонското движење во Албанија, вели Стерјовски.

Меѓу македонското малцинство во Албанија, и повеќе од 3 децении по падот на режимот на Енвер Хоџа се уште владее стравот од прогонот кој го доживеале и сега најголеми пропагатори на бугарската кауза во Албанија се токму некои Македонци кои се одродиле и се водат како Албанци, вели нашиот соговорник.

-Сега не е исто како пред 30 години. Во 90-тите години навистина тајните служби имаа страшен прогон на нашите активисти. Нашите активисти се киднапирани од тајните служби, мачени, истражувани цело време и се имаат обидувано да го држат под контрола македонското движење. И смешно е да се каже, врбувале и Македонци против нас. Во делот на Гора, Голо Брод ги принудувале да се запишат како Албанци, а иако се Македонци. Е сега тие што биле главни опоненти дека тие не биле Македонци туку Албанци излегуваат сега главни поддржувачи на бугарската кауза, пропаганда. И сега ние македонските активисти не знаеме дали ова е насока од албанските служби да работат за бугарската кауза или кој платил повеќе се ставиле во нивна служба. Затоа сега други се условите. Нормално како што Албанија се приближува до Европската унија така стандардите на ЕУ се поголеми и притисокот не е како што беше порано. Но сепак стравот од Енвер Хоџа, од првите години уште се влијае. Дури и многу Македонци не го зборуваат македонскиот јазик токму поради таа причина да не бидат дискриминирани од албанската средина, не се кажуваат дека се Македонци за да дојдат до работно место. Уште си постои тоа, да бидеме реални. Не е толку сјајно, но за разлика од Македонците во Бугарија и Грција ние имаме повеќе права, вели Стерјовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот