Аеродром кажа „фала“ за бесплатниот пи-ар на ВМРО-ДПМНЕ

Реакцијата следуваше по неколкудневните обвинувања од дел од опозициските партии дека Општина Аеродром набавила скапи телефони за градоначалникот и за општинската администрација, но и дека, според нив, скапата фонтаната во паркот Бојмија е неквалитетно изработена и често се расипува.

Општина Аеродром им се заблагодари на опозициските партии, особено на ВМРО-ДПМНЕ, кои посветуваат минимум две соопштенија и еден прес неделно на оваа општина и ги информираат граѓаните за она што се прави во Аеродром.

– Очигледна е заложбата на ПР-от на ВМРО-ДПМНЕ да даде целосен придонес во информирањето на јавноста, како, на пример, за цените на чинење на парковите, фонтаните, чешмите, кантите за отпадоци, ПВЦ-вратите и прозорците, кошевите и слично. Така, конечно на жителите на Општина Аеродром им е јасно дека градоначалникот Златко Марин во својот досегашен мандат, направил многу и притоа се потрудил сето тоа да биде со врвен квалитет, според европски вредности и стандарди, какви што заслужуваат жителите на Аеродром – велат од Општината.

Реакцијата следеше по неколкудневните обвинувања од дел од опозициските партии дека Општина Аеродром набавила скапи телефони за градоначалникот и за општинската администрација, но и дека, според нив, скапата фонтаната во паркот Бојмија е неквалитетно изработена и често се расипува.

Градоначалникот Златко Марин ги демантираше обвинувањата за набавка на мобилни телефони.

– Одлуката којашто е проследена во написите е составен дел на Упатството за користење службени мобилни телефони во Општината и е изгласана на седница на Советот од сите 27 советници. Станува збор за определување максимална висина на бенефиции што ќе можат да ги искористат вработените и советниците во иднина, а претставуваат право на Општина Аеродром според Договорот за користење мобилни услуги со компанијата Македонски телеком во времетраење од 24 месеци – објаснува Марин.

Како што тврди градоначалникот, Општина Аеродром нема да потроши ни денар буџетски средства за набавка на нови мобилни телефонски апарати, бидејќи станува збор за субвенција по основа на претплатничка линија. Според него, договорот со мобилниот оператор е јавно достапен на системот за е-јавни набавки и секој може да се увери во максималниот ефект којшто Општина Аеродром го има добиено при спроведување на јавната набавка за мобилни услуги.

Општина Аеродром реагираше и на тврдењата дека фонтаната во паркот Бојмија е неквалитетно изградена, со објаснување дека таа всушност во повеќе наврати била цел на вандалски чин.

– Деновиве е оштетен кабелот со сензор што дава сигнал до каде да се полни фонтаната со вода и токму поради тоа, водата истекува надвор од коритото – велат од Аеродром.

Од Општината велат дека водата во моментот е запрена и се врши санација на оштетувањето и потсетува дека претходно биле оштетени две дизни на гејзери со што исто така се нанело сериозно оштетување на фонтаната во овој парк.

Оттаму ги демантираат информациите пласирани од опозицијата дека фонтаната чини 720 илјади евра и бараат јавно извинување.

– Во интерес на јавноста повторно соопштуваме дека фонтаната, на која посочува ВМРО-ДПМНЕ, чини 40 илјади евра. Сумата опфати поставување модерен и софистициран систем со иноксни прстени, различен тип млазници, дел од нив се со вертикално прскање, дел со пена, некои се со водена прашина, како и осветлување на фонтаната со цела нова машинска инсталација и синхронизирање на светлото и течењето. Ова е придружено со нова електрика и нов систем за довод на вода, како и целосна реконструкција на бунарот за вода, кој беше во запуштена состојба – пишува во соопштението.

Општина Аеродром јавно ја повика Државната комисија за антикорупција да ги провери сите документи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот