А што ако Трамп не прифати пораз и не сака да си оди од Белата куќа?

Тоа, барем до пред некое време, се чинеше како невозможно сценарио во земјата која не само што се гордее со својата историја на демократија, туку и повеќе од еден век вложувала и милијарди долари и илјадници човечки животи на одбрана на демократијата се до најзафрлените катчиња на планетата.

Ако Доналд Трамп загуби на изборите во ноември, неговиот прв и единствен претседателски мандат ќе заврши на 20 јануари идната година. Ако, пак, победи, ќе мора да ја напушти Белата куќа на истиот тој датум 2025 година. Едноставно, како што отсекогаш и било во „светилникот на демократијата“.

Но, што ако „светилникот затрепери“ и ако Трамп, исто толку едноставно, одбие да си замине?

Тоа, барем до пред некое време, се чинеше како невозможно сценарио во земјата која не само што се гордее со својата историја на демократија, туку и повеќе од еден век вложувала и милијарди долари и илјадници човечки животи на одбрана на демократијата се до најзафрлените катчиња на планетата.

Но, овој пат таков потег спротивен на сите демократски начела и вредности не само што не е невозможен, туку и директно и индиректно се најавува како можно сценарио од самиот претседател, кој на 20 јануари 2017 година со дланка на Библијата се заколна дека ќе ја чува демократијата.

Што вели Уставот?

Трамп со месеци наназад настојува да ја оспори валидноста на гласовите испратени по пошта, практика што се охрабрува од сојузните држави за да се намали ризикот од забрзано ширење на коронавирусот ако граѓаните физички излезат на гласачките места.

Американскиот Устав ги дефинира правилата и механизмите за трансферот на моќта. Во членот 2 е наведено дека претседателот „е на функција во мандат од четири години“. Амандманот 20 наведува дека „мандатите на претседателот и на потпретседателот завршуваат напладне на 20-тиот ден од јануари, кога во исто време почнува мандатот на нивните наследници“.

Секако, дефинирана е и можноста за реизбор на втор последователен мандат, но според Амандманот 22 „ниту едно лице не може да биде избрано на функцијата претседател повеќе од два пати“.

Повеќе од 250 години овие правила биле почитувани од претседателите на САД. Дури и кога изборната трка била неизвесна и поради разни технички причини имало основа да се оспорат резултатите, претседателите без поговор, мирно и достоинствено, ги предавале клучевите од Белата куќа на новиот „станар“.

Тоа, всушност, е и основата на американската демократија – мирен трансфер на власта од еден на друг лидер, без оглед на нивните убедувања и политички бои.

Секоја шега, половина вистина

Новите стандарди што упорно ги наметнува Трамп сега не само што ја оставаат можноста да не сака да замине од Белата куќа, оспорувајќи ги резултатите, туку и (се уште само на шега) поттикнуваат сценарија тој да остане на власт и трет или четврти мандат, слично на рускиот колегата Владимир Путин, на чие управување со земјата отворено се восхитува.

Прочитајте и...  Заев предложи разрешување на Лидија Димова

Трамп, на шега на смеа, веќе самиот кажа дека би останал претседател доживотно.

– Ќе си заминам од функцијата по пет години, девет години, 13 години, 17, 21, 25, 29 години – изјави Трамп на собир во Пенсилванија во декември 2018 година. Тој објасни дека намерно се шегувал „за да ги излуди медиумите“, но само неколку денови подоцна даде коментар што делуваше како самиот да се загреал за сопствената шега.

Многумина од нив велат: „Знаете, тој нема да си замине“. Па сега ние почнавме да размислуваме за тоа, бидејќи и не е лоша идеја – изјави Трамп, надоврзувајќи се на коментарите на шегата од Пенсилванија.

Лани во мај, кога заврши истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за наводите за руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, проповедникот Џери Фолвел на Твитер препорача: „Сега поддржувам отштета. На Трамп треба да му се вратат уште 2 години од првиот мандат, како отштета за времето што му беше одземено со овој пуч осуден на пропаст“. Таквиот предлог од таков човек немаше да предизвика големо внимание, ако неговата порака не беше „ретвитната“ од самиот претседател Трамп.

И неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен најави дека Трамп нема да сака да си замине.

– Поаѓајќи од своето искуство на соработка со господинот Трамп, стравувам дека ако тој ги загуби изборите во 2020 година, нема да има мирно предавање на власта – изјави Коен во сведочењето пред Конгресот пред да замине во затвор.

По стапките на Кабила и на Лукашенко

Ако се реши на толку дрзок потег, Трамп би се приклучил на лигата озлогласени лидери што одбиле да ја предадат власта што ја изгубиле. А, такви случаи има многу, но во земји што немале допир со демократијата – Гамбија, Демократска Република Конго, Шри Ланка или Молдавија. Дури и во Србија, Багер-револуцијата на 5 октомври 2000 година почна како реакција на народот на обидот на тогашниот лидер Слободан Милошевиќ да го оправда грабежот на гласовите од изборите на 24 септември, со кој беше официјално оспорена победата на опозицискиот кандидат Воислав Коштуница. Бунтот и судирот со полицијата во Белград придонесе за соборување на власта на Милошевиќ, а на ревидираните официјални резултати објавени на 10 октомври беше потврдена изборната победа на Коштуница во првиот круг.

Во други земји ваквите обиди предизвикувале многу поголеми крвопролевања. Во 2016 година Жозеф Кабила реши да не си замине од власта по трите петгодишни претседателски мандати во ДР Конго, па објави дека ќе ги одложи изборите за уште две години, за да се спроведе попис. Ова поттикна масовни протести, на кои силите за безбедност убија повеќе од 50 луѓе. Неговиот збор, сепак, надвладеа – изборите се одржаа во 2018 година, а по нив Кабила си замина.

Прочитајте и...  Eколошките активисти алармираат: Отровни води ја загадуваат почвата и водата во тетовско Јегуновце

Секако најсвеж е примерот од Белорусија, каде што илјадници граѓани масовно демонстрираат, оспорувајќи ги изборите на кои Александар Лукашенко беше прогласен за победник. Силите за безбедност под негова команда секој ден апсат по стотици демонстранти, а Лукашенко тивко го презеде новиот мандат, кој не му го признаваат ни Европската Унија ни САД.

Гувернер во визбата во Тексас

И во Америка имало случаи избрани функционери да одбијат да си заминат, но во многу далечна историја и на многу пониски нивоа од Белата куќа. Во 1874 година, Едмунд Дејвис, републикански гувернер на Тексас, се заклучил во визбата на државниот Капитол и одбивал да излезе откако на обидот за реизбор освоил двојно помалку гласови од демократскиот предизвикувач Ричард Коук. Дејвис тврдел дека изборите биле наместени и лажирани, па случајот стигнал се до Врховниот суд на Тексас. Тројцата судии, сите од нив назначени токму од Дејвис, ги поддржале неговите тврдења дека изборите биле неуставни и ништовни. Демократите ја повикале јавноста да ги отфрли тврдењата на гувернерот и судската одлука и веќе почнале да ја подготвуваат инаугурацијата на Коук. На 15 јануари 1874 година Коук пристигнал во Капитолот со шериф и придружба под оружје и дал свечена заклетва додека Дејвис се уште бил забарикадиран во визбата заедно со државни трупи, исто така под оружје. Следниот ден Дејвис побарал од претседателот Јулисис Грант да му испрати федерални трупи како засилување, но бил одбиен. Три дена подоцна, поразениот гувернер излегол од визбата и му ја признал власта на наследникот.

Белата куќа била најблизу до одбивање на трансфер на власта кога Френклин Рузвелт побарал да служи и трет претседателски мандат, спротивно на непишаните норми поставени од Џорџ Вашингтон вториот мандат да биде и последен. Тоа го почитувале сите претседатели до Рузвелт, кој на избори освоил и трет и четврти мандат и владеел сѐ до смртта во 1945 година. Токму поради него во 1951 година бил усвоен Амандманот 22, со кој претседателската функција законски се ограничува на два мандата.

Прочитајте и...  Светска банка: Блискиот исток и Северна Африка ќе имаат економски пад од 5,2 проценти

Клучниот миг – точно напладне на 20 јануари

Ако Трамп овој пат се реши да остане на функцијата дури и ако загуби на изборите, тоа ќе мора да го направи на сила, спротивно на Уставот, бидејќи нема законски механизам што би му помогнал. Клучниот момент би бил во 12 часот на 20 јануари 2021 година, кога тој автоматски би ја изгубил моќта да ја командува Тајната служба и федералните агенти што му даваат физичка заштита. Во исто време би престанала и неговата улога на врховен командант на армијата. Неговиот наследник, по свеченото давање заклетва, би ја презел командата врз овие служби и армијата и би можел и би морал да ги ангажира насилно да го иселат стариот станар од Белата куќа. При такво сценарио Трамп повеќе не би бил заштитен од имунитет за кривични дела, па би бил уапсен и обвинет, најмалку за незаконско присуство во Белата куќа.

Многу понепредвидливо би било и поверојатното сценарио – Трамп да се реши да ги оспори резултатите од изборите. Тој веќе многупати најави дека не ги смета за валидни гласовите пратени по пошта, за кои тврди дека се изложени на опасноста да бидат манипулирани, и од политичките противници и од моќен упад во системот од непријателска држава.

Токму во таа насока се толкува брзањето на Трамп да назначи деветти судија во Врховниот суд, очекувајќи поголема поддршка ако евентуалното оспорување на резултатите од изборите стигне до највисоката судска инстанца во САД.

Гаранции од републиканците

Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Мекконел, прексиноќа се обиде да ги отфрли сите сценарија за евентуално узурпирање на власта и вети „нормална постизборна транзиција“.

– Без оглед кој ќе победи на изборите на 3 ноември, ќе има мирна инаугурација на 20 јануари. Ќе има мирна транзиција, исто како што имало на секои четири години уште од 1792 година – изјави Мекконел.

Слични гаранции даде и сенаторот Линдзи Греем, кој се смета за еден од најблиските до ставовите на Трамп.

– Ве уверувам дека (транзицијата) ќе биде мирна – изјави Греем.

Сенаторот Мит Ромни ги оцени како „незамисливи и неприфатливи“ сите забелешки дека претседателот може да реши да не ги почитува уставните обврски.

Но, само еден ден претходно Трамп најави нешто сосема друго.

На прашањето дали ќе има мирна инаугурација на 20 јануари, без оглед кој ќе победи на 3 ноември, Трамп одговори: „Ќе мора да видиме што ќе се случи“.

Поврзани вести

Инцидент во Србија: Фрлена бомба врз полициска станица во Србобран, нема повредени

Слободен печат

ВИДЕО: Панична реакција на премиерката на Исланд, среде интервју стресе земјотрес

Слободен печат

Брнабиќ со застрашувачка вест за Србија: Само вечерва имаме 400 заболени со ковид-19

Слободен печат

Видео: Енормно високи бројки на заразени во Франција

Слободен печат

Поради „постојана кашлица“: Меланија Трамп се откажа од патување во Пенсилванија

Слободен печат

Бугарски медиуми: Претседателот Радев во самоизолација по контакт со заразен со ковид-19

Слободен печат

Остави Коментар