Скопски културен водич: Каде на изложба низ град?
Посетата на изложби во летните месеци претставува одличен начин да се тргнеме од секојдневните обврски, да го исполниме нашето слободно време и да го збогатиме кутурното искуство.
Летото не е само време за одмор и прошетки, туку и период кога културниот живот во градот особено оживува.
Препорачано
Па, доколку сакате периодов да уживате во уметноста, да осознаете нови работи и времето со најблиските да го поминете подалеку од метежот на Скопје, погледнете ги нашите предлози за изложби низ градот:
„Почеток после крајот: Визуелната култура на немирот – Вчерашниот свет денес 1900-2026“
Време: 6.5. – 12.7.2026
Локација: Музеј на современата уметност – Скопје

Актуелна изложба курирана од Владимир Јанчевски, која истражува морбидни, но сепак критички перспективи. Изложбата ќе трае до 12 јули 2026 година.
„Тапети“
Време: 2.6. – 15.7.2026
Локација: Музеј на современата уметност – Скопје

На почетокот на јуни беше отворена изложбата „Тапети“ која сочинува дела и тапети од колекцијата на МСУ и ЕВН колекцијата од Австрија. Изложбата е курирана од поголем тим стручни лица и ги спојува уметничките дела од различно потекло. Темите, субјектите и уметничките ставови од неколку генерации се пресекуваат и се информираат, правејќи ја видлива универзалноста на уметноста и уметничкото производство. Изложбата ќе трае до 15 јули.
„Кен Фридман: 92 настани + 1“
Време: 13.5. – 10.7.2026
Локација: Музеј на современата уметност – Скопје

Во просториите на МСУ може да ја погледнете и изложбата „Кен Фридман: 92 настани + 1“, курирана од Владимир Јанчевски, на која е претставено творештвото на Кен Фридман, со учество и на мултидисциплинарниот уметник и дизајнер Ѓоко Муратовски. Изложбата ќе трае до 10 јули.
„Анархични тела: согласност да не се биде едно“
Време: 28.5. – 30.6.2026
Локација: Музеј на современата уметност – Скопје

Изложбата курирана од Славчо Димитров беше главен настан кој го отвори овогодинешниот фестивал „Викенд на гордоста – Скопје 2026“. Таа е фокусирана на квир искуството и анархичното тело, истражувајќи ја согласноста и начините на кои се избегнуваат доминантните логики на суверенитет, идентитет и припадност. Делата инсистираат на правото да се биде „нечитлив“ во општеството. Може да ја погледнете до крајот на месец јуни.
„Ултрамарин“
Време: 10.6. – 24.6.2026
Локација: Културно-информативен центар – Скопје

Самостојната изложба на Јана Куновска се отвори на 10 јуни во изложбениот салон „Империјал 1“ . Изложбата која сочинува дванаесет дела чиј единствен призор е самото небо со птиците ќе биде поставена до 24 јуни.
„Простор – тишина“
Време: 11.6. – 24.6.2026
Локација: Културно-информативен центар – Скопје

Самостојната изложба „Простор – тишина“ на Ненад Тонкин се отвори на 11 јуни, а ќе може да ја погледнете во Продажен ликовен салон при КИЦ до 24 јуни. Изложбата се состои од ахроматски колажни релјефи изработени од архивска „fine art“ хартија од брендот „Hahnemühle“.
„Секогаш во изградба“
Време: 18.6.2026
Локација: Културно-информативен центар – Скопје

Изложбата „Секогаш во изградба“ на Ивана Самандова од Скопје и Исмаел Петроу од Франција ќе се отвори на 18 јуни со почеток во 20 часот, во Изложбен салон Империјал 2. На оваа заедничка изложба ќе може да ги погледнете делата со кои уметниците ги споделуваат и врзуваат своите уметнички практики со индивидуален фокус на градот Скопје, по престојот на програмата КреAр.
„Ткаени приказни – трансенденција во времето“
Време: 15.6.-30.6.2026
Локација: Младински културен центар – Скопје

Оваа уметничко-едукативна, мултимедијална и сценографска изложба се отвори на 15 јуни. На изложбата инспирирана од македонскиот фолклор и неговите митски наративи и симболички обрасци, може да погледнете дела од повеќе автори. Изложбата може да ја погледнете до крајот на јуни.
„Дехуманизација: Истражување на кревкоста на човештвото“
Време: 28.5. – 28.6.2026
Локација: Националната галерија на Македонија – објект Мала станица

На крајот од месец мај во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица беше отворена изложбата на академскиот уметник Милан Андов, насловена „Дехуманизација: Истражување на кревкоста на човештвото“. Дехуманизацијата, како процес на преиспитување, анализирање, како наше лично искуство, е присутна со години во творештвото на Милан Андов, па оттаму потекнува и овој циклус на дела преточен во изложба. Изложбата може да ја посетите до 28 јуни.
„Ризница на постоењето – од документ до историја“
Време: 21.6.2026
Локација: Музеј на македонската борба за самостојност – Скопје

Во рамки на богатата и разновидна програма на годинашното Скопско лето може да уживате и во изложбата „Ризница на постоењето – од документ до историја“ на Државниот архив на Р.С. Македонија. Изложбата е подготвена по повод 75 години постоење на оваа значајна институција и ќе биде отворена на 21 јуни во 20:30 во Музеј на македонската борба за самостојност. На 16 паноа ќе бидат прикажани документи кои говорат за историјата на Македонија во османлискиот период, историја на секојдневниот живот, за Македонците кои живеат во дијаспората, културниот живот во XX век, институционалната меморија во македонската држава и др.
„Тело од оган“
Време: 8.7.2026
Локација: Сули ан
На 8 јули со почеток во 20:30 ќе може да го погледнете впечатливиот мултимедијален и перформантивен проект „Тело од оган“ на македонскиот визуелен уметник Игор Јосифов. Проектот е базиран на специфична и уникатна техника на сликање и создавање уметност во живо со користење на оган. Перформансот ќе се случи во просторот на Сули ан.


